12.09.2024 Скопје
Германскиот канцелар Олаф Шолц во своето обраќање во парламентот ја бранеше миграциската политика на својата влада, истакнувајќи дека Германија мора да привлече квалификувани странци.
„Нема земја во светот со намалена работоспособна популација која има економски раст. Тоа е вистината“, изјави Шолц во Бундестагот.
Неговото излагање се случува среде тензичните дебати во Берлин околу миграциските политики и прашањето за азил. Вчерашните преговори меѓу владината коалиција и опозицијата не беа успешени, по меѓусебните остри критики.
Темата миграција е во фокусот на дебатите откако минатиот месец маж уби три и повреди осум лица во градот Солинген. Напаѓачот бил 26-годишен Сиријец, кој избегнал депортација.
Шолц остро го критикуваше лидерот на опозицијата Фридрих Мерц од Христијанско-демократската унија, обвинувајќи го за политички игри. Шолц повика на заеднички решенија, а Мерц одговори дека владата треба да презентира конкретни предлози.
Подготвено од М.Д.