24.09.2024 Скопје
Европската Комисија издала извршна одлука за одобрување на финансиски придонес на Унијата во реализација на проектот „Независен систем за природен гас во Александруполи“, соопшти алтернативниот министер за национална економија и финансии на Грција Никос Папатанасис.
Одлуката е во рамките на програмата на европските структурни и инвестициски фондови за конкурентност, претприемништво и иновации 2014-2020 година, а вкупниот прифатлив трошок за завршување на проектот е одреден на 202 милиони евра.
Одлуката на Европската Унија претставува признавање на важноста на проектот, како за зајакнување на улогата и перспективите на Грција како центар за пренос на енергија во поширокиот регион, така и како извор за енергетско снабдување на земјата со природен гас. Пуштањето во употреба на терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во Александруполи се очекува на 1 октомври 2024 година – пишува во соопштението од Министерството за национална економија и финансии на Грција, нешто што го посочи и портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите.
Следната седмица ќе започне комерцијалната работа на терминалот за течен природен гас во грчкиот град Александруполи преку кој низа земји, меѓу кои и Република Северна Македонија ќе се снабдуваат со природен гас.
Подготвено од М.Д.