sarkozi francija

02.09.2024 Скопје

Франција е десничарска земја и треба да има десничарски премиер, изјави поранешниот француски претседател Никола Саркози.

„Предвремените избори во Франција и изборите за Европскиот парламент покажаа дека Франција е десничарска земја и десничарските партии мора да преземат одговорност“, изјави Саркози.

Поранешниот француски претседател ( 2007- 2012 година) ја повика конзервативната десничарска партија Републиканци, која тој ја основа, да се заложи за именување на десничарски премиер.

Франција е десничарска земја која истовремено се соочува со политичка, социјална и финансиска криза. Нема идеално решение.

Политичките сили мора да го разберат тоа, додаде Саркози и ги повика политичките партии да постигнат компромис во интерес на земјата.

Откако францускиот претседател Емануел Макрон распиша предвремени избори во јуни кои резултираа со хаотичен исход во кој ниту една партија не освои доволно места за да обезбеди мнозинство во парламентот, Франција е без нова влада речиси два месеци.

Францускиот претседател Емануел Макрон претходно оваа недела одби да ја именува кандидатката на левичарската коалиција Луси Каст за премиер, велејќи дека тоа ќе доведе до нестабилност, а во вторникот започна нова рунда разговори со политичките лидери.

Подготвено од М.Д.

About Author