12.09.2024 Скопје
Годинава по 27-ми пат ќе се одржи традиционалниот меѓународен фестивал „Денови на комедија“ на кој ќе бидат изведени единаесет комедии од театри од државата и соседните Бугарија и Србија.
„Фестивалот ќе почне на 24 септември со велешки театар, следуваат охридкиот, театарот од Враца, од Врање, ќе настапи театар комедија, тетовскиот, театар од Плевен, ќе игра и албанската драма од Куманово. Публиката ќе има можност да ги проследи и штипскиот театар, театарот од Ниш. Во вторник фестивалот го затвора кумановскиот театар со новата претстава која ја подготвуваме „Ноќ спроти Водици“ во режија на Срѓан Јанаќиевиќ“, изјави директорот на НУЦК, Сашо Тодоровски.
Новина е што годинава се поканети и ќе настапат и студенти од факултетите. Билетите ќе се продаваат неколку дена пред отпочнување на фестивалот.
Лауреатот Коцев кажа дека е чест што ја добива наградата особено од фестивалот од градот од каде што потекнува. За него, лауреат звучи импозантно.
„Јас сум раснел со овој фестивал кој е од 1997 година. Токму на овој фестивал беше претставата „Декамерон“ од битолски театар после која јас зацртав дека нема да бидам друго во живото освен она што сега го работам-актер. Не ја гледам работата низ награди. Изненаден бев. На свое тло, во своја средина е потешко да добиеш награда. Излезен сум од овој театар и публиката ми вели дека немам ништо одиграно и е во право. Дел бев од овој театар до 2006/7 ме врзуваат драги спомени“, рече Коцев.
И тој очекува редици при влез на претставите како и секоја година. За него убавината на фестивалите е што публиката коментира по секоја претстава.
„Потешко е кога ќе добиеш награда, признание, публиката очекува натпросечни изведби, трката со себе е најтешка“, вели Коцев.
Членовите на Советот на фестивалот одлучија наградата „Васил Иљоски“ која се доделува за особен придонес во театарската уметност да му припадне на актерот Сашко Коцев. Александра Михајловска, актерка кажа дека фестивалот е симбол на Куманово, а Коцев е симбол на Куманово насекаде го презентира градот.
„Едногласно ја донесовме одлуката. Во однос на возраста, сакам да напомнам дека ова не е класична награда за животно дело, туку е награда за особен придонес во комедиографијата, за придонесот во фелата, театарската уметност. Кариерата на Коцев зборува за него“, кажа Михајловска.
Изминативе шест години лауреати на Фестивалот беа Љубица Гојковиќ, Ѓорѓи Андов, Илија Струмениковски, Стојна Костовска, Благоја Чоревски и Коле Ангеловски. Оваа 2024 година Советот на Фестивалот одлучи наградата Васил Иљоски која се доделува за особен придонес во театарската уметност особено во делот на комедијата.
Подготвено од М.Д.