germanija izbori

02.09.2024 Скопје

„Алтернатива за Германија“ е подготвена да стане првата екстремно десничарска политичка сила што победила на регионалните избори во Германија по Втората светска војна, покажуваат прелиминарните резултати од вчерашните регионални избори во покраината Тирингија.

Алтернатива за Германија освои 33,2 отсто од гласовите во Тирингија, со убедливо водство пред конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ), која се најде на второто место со 23,6 отсто од гласовите, покажуваат прелиминарните резултати објавени вчера.

Во зависност од тоа колку точно пратеници ќе има АфД во Тирингија, таа може, доколку добие доволно претставници во регионалниот парламент, да ги блокира одлуките за кои е потребно двотретинско мнозинство во парламентот.

На тој начин, партијата би можела да одигра исклучително важна улога во новиот регионален парламент и покрај неподготвеноста на другите политички сили да коалицираат со неа.

Алтернатива за Германија би можела да го блокира назначувањето на судии и високи безбедносни функционери во Тирингија, каде што ја предводи нејзиниот најекстремен и контроверзен претставник Бјорн Хоке.

Во Саксонија, другата германска покраина во која вчера се одржаа регионални избори, прелиминарните резултати покажуваат дека ЦДУ е на прво место со 31,5 отсто од гласовите – само 1,1 отсто пред Алтернативата за Германија.

ЦДУ „владее“ во Саксонија од 1990 година.

Конзервативниот премиер на Саксонија, Мајкл Кречмер, рече дека силните перформанси на екстремната десница се резултат на политиките на коалициската влада на федерално ниво.

„Има голем недостиг на доверба во политиката и на тоа мора да се стави крај. Ни треба нов политички стил во Берлин“, посочи Кречмер. „Ова е реквием за коалицијата.

Коалицијата мора да се запраша дали воопшто може да продолжи да владее“, рече копретседателката на Алтернатива за Германија Алиса Вајдел за коалицијата на Олаф Шолц.

Подготвено од М.Д.

About Author