23.09.2024 Скопје
Економскиот форум на жени лидерки од Балкан за првпат ќе се одржи во Р.С.Македонија на 2-3 октомври во хотел Мериот во Скопје во организација на Здружението на жени менаџерки „Елит“ и Крилото за комуникација „Г100“, под глобалната франшиза на „Women Economic Forum“.
„Овој високопрофилиран Форум, има за цел да ја унапреди позицијата на жените во современото општество, особено во делот на економското јакнење, намалување на родовите нееднаквости и поттикнување женско лидерство“, информираат од „Елит“.
Преку панелни дискусии и дебати, докажани лидерки и лидери од Португалија, Индија, Египет, Турција, Србија, Црна Гора, Косово, Хрватска, Словенија и Р.С.Македонија ќе разменат идеи и ќе споделат најдобри практики за справување со заедничките предизвици.
„Форумот ќе привлече повеќе од 250 лидери, претприемачи, активисти, истражувачи и академици, што претставува ретка можност за ваше вмрежување. Форумот има ротирачка база, и седиштето се менува на секои две години во различна земја од Западен Балкан“, додаваат оттаму.
Подготвено од М.Д.