zelena energija

19.09.2024 Скопје

Европската комисија денеска распиша конкурс за аплицирање за проекти за енергетска инфраструктура, кои имаат статус на Проекти од заеднички интерес (ПЦИ) или Проекти од взаемен интерес (ПМИ), а се насочени кон остварување на целите на ЕУ за справување со климатските промени, како и за зголемување на конкурентноста на блокот.

Одбраните проекти на конкурсот ќе бидат финансиски поддржани со средства од сегашната Повеќегодишна финансиска рамка за периодот 2021-2027 година, во која за потребите на енергетската инфраструктура се преостанати околу 3,5 милијарди евра.

Инвестициите ќе бидат наменети за инфраструктурата и технологиите за чиста енергија, како што се проекти поврзани со обновливите извори на енергија, мрежната инфраструктура и намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид, како еден од приоритетите на новата Европска комисија за изградба на „чиста индустрија“.

„Конкурсот ќе придонесе за воспоставување на втората листа на Унијата на проекти од заеднички интерес и проекти од взаемен интерес, која се планира Комисијата да ја усвои до крајот на 2025 година, по консултации со засегнатите страни и регулаторите“, се наведува во соопштението на ЕК.

Рокот за пријавување на конкурсот е 18 ноември 2024 година, освен за проекти за паметни електрични и гасни мрежи и за ставање крај на енергетската изолација на Кипар и Малта, за кои аплицирањето ќе трае до 18 декември годинава.

Подготвено од М.Д.

About Author