Edi-Rama-

24.09.2024 Скопје

Албанскиот премиер Еди Рама најави дека ќе создаде суверена микродржава во Тирана за заедницата Бекташи, членови на исламскиот суфиски ред, која ќе промовира умереност, толеранција и мирен соживот.

Говорејќи во Обединетите нации, Рама истакна дека Албанија ги спасувала еврејските бегалци од нацистите за време на Втората светска војна и им обезбедила засолниште на Авганистанците откако Талибанците дојдоа на власт пред 3 години. Тој додаде дека и Албанците се горди што на светот му ја дале Мајка Тереза која „ја отелотвори љубовта кон човештвото“.

Таа ни рече дека не можеме сите да правиме големи работи, но дека сите можеме да правиме мали работи со голема љубов. Ова е нашата инспирација во поддршката на трансформацијата на Светскиот бекташки ред во суверена држава, во нашиот главен град Тирана, како нов центар на умереност, толеранција и мирен соживот – изјави тој.

Бекташите сочинуваат околу 10% од муслиманите во Албанија.

Албанија има 2,4 милиони жители. Околу 50% од нив се муслимани, а остатокот од населението се католици, православни и други помали заедници. Земјата е позната по својата верска хармонија и соживот. Бекташите сочинуваат околу 10% од муслиманите во земјата, според последниот попис.

Веднаш не беше јасно како на Редот на Бекташ ќе му биде доделен легален суверенитет, но Редот рече дека тие го сметаат овој потег за почеток на нова ера на промовирање на глобалната верска толеранција.

„Ваквиот историски чекор е насочен кон признавање на Редот како суверена, самоуправна држава, посветена на поддршката на својата вековна култура на умереност и на духовна вклученост“, се вели во соопштението.

Тие додадоа дека Редот треба да добие суверенитет идентичен со оној на Ватикан, што значи дека ќе управува со верските и со административните прашања независно од Албанија. Државјанство би добиле само највисоките верски членови и оние поединци кои се вклучени во управувањето со државата.

Државата ќе ја води Баба Монди, поглаварот на Бекташ. Советот ќе ги надгледува неговите верски и административни активности.

„Новата држава нема да цели кон ништо друго освен духовно лидерство“, се нагласува во Редот.

Бекташкиот ред потекнува од Отоманската империја во 13 век, пишува Асошиетед прес. Бекташите добиле политичко значење во 15 век кога редот доминирал над јаничарскиот корпус, елитните пешадиски единици.

Подготвено од М.Д.

About Author