10.09.2024 Скопје
Американските технолошки компании „Дел“ и „Палантир“ станаа дел од елитниот њујоршки берзански индекс С&П 500.
За да биде вклучена во индексот, компанијата мора да биде регистрирана во Соединетите Американски Држави, нејзините акции мора да се тргуваат на американската берза, нејзината пазарна капитализација мора да биде најмалку 18 милијарди долари, додека компанијата исто така мора да биде профитабилна најмалку во последните четири квартали.
Како што е наведено, „Дел“ е познат по производството на компјутери и други сродни уреди, додека „Палантир“ се занимава со производство на софтвер за собирање и анализа на податоци.
„Дел“ е дел од индексот С&П 500 од 1996 година, но го напуштил на крајот на 2013 година, откако неговиот основач Мајкл Дел, заедно со инвестицискиот фонд Силвер Лејк, купиле акции на фирмата на берзата и ја преземале компанијата во приватна сопственост.
По спроведените реформи, „Дел“ се врати на берзата во 2018 година.
„Палантир“ е познат по блиската соработка со американските разузнавачки агенции и создава софтвер кој ги следи криминалците користејќи телефонски записи, фотографии, трансфери на пари и други податоци.
Извршниот директор и ко-основач на „Палантир“, Алекс Карп, се декларира како американски патриот и верува дека користењето технологија придонесува за зајакнување на Западот.
Технологијата на „Палантир“, наводно, помогнала да се пронајде Осама бин Ладен пред повеќе од една деценија, а во моментов се користи за помош на воените операции на Украина.
Подготвено од М.Д.