PIVO OKTOBERFEST

23.09.2024 Скопје

Традиционалниот Октоберфест, 189. по ред, официјално беше отворен во Минхен на 21 септември и до 6 октомври низ него ќе продефилираат милиони љубители на пивото. Сепак, годинава цените на криглите пиво ги уриваат сите рекорди, поради што голем број посетители отворено протестираат.

Цената на кригла од литар пиво чини од 13,60 до 15,30 евра, па многу пивопијци ќе мора малку да престанат да го пијат омилениот пијалак за да не останат со празни џебови.

Настанот започна така што градоначалникот на Минхен Дитер Рајтер традиционално го отвориа првото буре пиво, со што го означи 189-от почеток на фестивалот.

Илјадници љубители на пивото се собраа во Минхен, а безбедносните мерки за време на настанот ќе бидат исклучително силни, со оглед на високото ниво на опасност од исламистичкиот тероризам.

По неодамнешниот напад на фестивал во западниот град Солинген, во кој загинаа три лица, прашањето за безбедноста повторно е во фокусот, а безбедносните власти се крајно претпазливи и секоја дојава е детално истражена.

На Октоберфест се применува софистициран безбедносен концепт – контроли на влезот, забрана за големи кеси, ножеви и стаклени шишиња, присуство на голем број полицајци и бетонски саксии за да се спречат напади со автомобили.

За првпат при инспекциите по случаен избор ќе се користат околу 40 рачни детектори за метал, најави директорот на популарниот фестивал Клеменс Баумгертнер.

Како што наведе, ќе дежураат околу 600 полицајци и неколку илјади редари.

Според баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман, нема конкретни знаци на опасност, но севкупното ниво на закана од исламистичкиот тероризам е високо.

До 6 октомври се очекуваат милиони посетители на Октоберфест.

Подготвено од М.Д.

About Author