30.09.2024 Скопје
Бугарија е на врвот непочитувачи на пресудите на Европскиот суд на правдата, се вели во извештајот на германската организација Демокраси рипортинг интернешнл. Според оваа организација од Берлин, Софија не спроведува 85 проценти од пресудите од Стразбур. Во овие 85 проценти се и пресудите во корист на македонските организации од Бугарија. ДРИ предупредува дека ваквиот однос на официјална Софија е сериозно загрижувачки.
„Постојаниот недостиг на напредок во спроведувањето на овие пресуди, исто така, предизвикува сериозна загриженост во однос на почитување на принципите на владеењето на правото, во делот на примената на одлуките на судовите“, се вели во извештајот на ДРИ.
Освен Бугарија, на врвот на оваа листа е и Романија со еднаков процент на неиспочитувани пресуди од судот во Стразбур.
Според анализата на ДРИ, судовите во земјите кои не ги почитуваат пресудите од Стразбур, се главните виновници за оваа ситуација.
„Уставните судови се предводници во систематското оспорување на авторитетот на Судот на правдата на ЕУ и, некои отворено, а некои подискретно, го попречуваат спроведувањето на пресудите“, се вели во извештајот на ДРИ.
И во последниот извештај на Комитетот на министри на Советот на Европа се укажува дека официјална Софија сè уште не ги спроведе пресудите во корист на Македонците од Бугарија.
Подготвено од М.Д.