05.09.2024 Скопје
Подобрување на инфраструктурата, поточно во делот на Коридор 10 и изградбата на брзата пруга, биле теми на разговор меѓу претставници на македонска делегација со српските власти, на средбата која се одржала денеска во Белград. Како што информираат од Министерството за транспорт и врски, во Белград биле заменик-претседателот и министер за транспорт, Александар Николоски, заменик-претседателот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, како и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
„Една од главните заложби на Владата е изградба на брза пруга Скопје-Солун која, што треба да се надоврзе на брзата пруга која веќе постои од Солун до Атина и исто така, на брзата пруга Белград-Будимпешта-Виена. Се надевам дека во најбзро време Србија ќе ја изгради брзата пруга Белград-Ниш-Скопје и на тој начин Р.С.Македонија ќе биде поврзана со возови што се движат со 200 километри на час и ќе биде поврзана со Централна и Западна Европа, на брз и квалитетен начин. На тој начин ќе се развива бизнисот затоа што ќе се отворат две големи пристаништа кои природно гравитираат кон Р.С. Македонија, а тоа е солунското и пристаништето Пиреа во Атина“, рече Николоски.
Македонската делегација имала средба и со претседателката на Собранието, Брнабиќ, како и со неколку министри во српската Влада. Николоски кажа и дека во следниот период и претставници на српската Влада ќе ја посетат Р.С. Македонија, а за скоро време ќе започнела и пракса на одржување заеднички седници на двете влади.
Подготвено од М.Д.