26.09.2024 Скопје
Советот на ЕУ денеска донесе одлука за одобрување на помош во рамки на Европскиот мировен фонд (ЕПФ) во износ од 13 милиони евра наменети за зајакнување на капацитетите и способностите на Армијата на Република Северна Македонија (АРСМ).
Мерката за помош ќе ги зајакне капацитетите на Северна Македонија за нејзино учество во операциите и мисиите во рамки на заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ и другите меѓународни мисии, соопшти Советот на ЕУ.
Во соопштението се нагласува дека оваа одлука дополнително ја илустрира зголемената поврзаност на ЕУ со земјава во областа на безбедноста и одбраната.
Таа ја одразува доследната посветеност на партнерите за унапредување на нивната соработка во оваа политичка област, имајќи ја предвид целосната усогласеност на Република Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, се додава во соопштението.
Согласно одлуката, ЕПФ за АРСМ ќе обезбеди технологии наменети за разузнавање, надзор, извидување, електронско војување и сигнално разузнавање, потоа логистичка и инженерска опрема, како и комуникациски и информациски системи, а ќе обезбеди и техничка обука за користење на опремата.
Европскиот мировен фонд е основан во март 2021 година за финансирање на активности во рамките на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ насочени кон спречување конфликти, зачувување на мирот и зајакнување на меѓународната безбедност и стабилност.
Преку ЕПФ, ЕУ финансира активности наменети за зајакнување на капацитетите на трети држави и регионални и меѓународни организации поврзани со воени и одбранбени прашања.
Подготвено од М.Д.