26.08.2024 Скопје
Јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ не може да се поделат меѓу скопските општини, како што бараат градоначалниците оти постојните закони тоа не го дозволуваат, вели министерот за локална самоуправа Златко Перински.
„Надлежностите на Град Скопје се строго утврдени во Законот за локална самоуправа во член 22. Во ставот 4 точно е наведено дека делот од собирање, третирање и одлагање на комуналниот отпад е законска надлежност на Град Скопје и тука нема никаква дилема. За да се реализира барањето кое стигна од ЗЕЛС треба да се сменат неколку закони меѓу кои и Законот за локална самоуправа, што значи дека согласно постојните законски решенија, спроведување на нивното барање во моментот не е можно. Дополнително сметаме дека во пракса за да се спроведе ова барање ќе треба многу повеќе време отколку да се решат институционално проблемите во Градот и Советот. Затоа ние тоа и го понудивме на градоначалничката Данела Арсовска и се надеваме дека ќе почнат да се наоѓаат решенија за проблемите на скопјани“, вели Перински.
Скопските градоначалници пред две недели побараа од Владата да се одземат ингеренциите кои Град Скопје ги има врз овие две претпријатија, опремата и вработените да се поделат меѓу скопските општини и тие сами да си чистат и да го одржуваат зеленилото. Tие побараа и формирање на комунална полиција за да може да се воведе ред во градот.
И од „Шанса за Центар“ велат дека треба добро да се размисли дали расформирањето на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ е вистинскиот пат.Тие нагласуваат дека одржувањето на нашите паркови, зелените површини и јавната хигиена е од витално значење за квалитетот на живот во Скопје, и тоа на целата површина на градот подеднакво, а не која општина како сака и колку сака.
Треба да инсистирaме на подобри услуги од „Паркови и зеленило“. Треба да се видат проблемите во претпријатието. Уништувањето на ЈП „Паркови и зеленило“ е најлесно решение на проблемот, но дали е тоа решение или почеток на нови проблеми и поголеми трошоци за полоша и нецелосна услуга за граѓаните – прашуваат од „Шанса за Центар“ .
Притоа, сметаат дека еден од клучните аспекти за анализа е системот на наплата за одржување на јавните зелени површини, кој сега е поврзан со сметките за вода од ЈП „Водовод и канализација“.Според анализата на „Шанса за Центар“, корисниците од општина Центар плаќаат најмногу средства за одржување на јавните зеленила, иако општината има релативно помал број на жители, но ова се должи на бројот на регистрирани правни лица.
Сепак, ние во Центар долги години не добиваме соодветна услуга – велат од „Шанса за Центар“.
Потенцираат дека не постои анализа на просторите со зеленило, како Водно, Гази Баба, СРЦ „Сарај“ и големите паркови, а како што велат на скопјани им треба грижа за зеленилото подеднакво секаде.
Ги праша ли некој вработените стручњаци во ЈП „Паркови и зеленило“ како е возможно да се расцепка целовитоста на зеленилото по општини – наведуваат од „Шанса за Центар“.
Тие ги повикаа сите засегнати страни, експерти од струката и невладиниот сектор кој се занимава со зеленилото на темелна дебата.
Подготвено од М.Д.