16.08.2024 Скопје
Во март годинава, минималната плата, според закон, се зголеми на 22.500 денари, но синдикатите сметаат дека тоа не е доволно, со оглед на зголемувањето на трошоците за живот, затоа Сојузот на синдикати на Р.С. Македонија бараше, уште во првите 100 дена од новата влада, минималната плата да се зголеми на 450 евра, односно околу 27.000 денари. Сепак такви средства во ребалансот Буџетот од новата влада не беа предвидени бидејќи како што тврдат тоа ќе ја зголемело инфлацијата.
Во секој случај новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ издвои средства за линеарно зголемување на пензионерите но и за функционерските плати. За споредба земјите во регионот ја зголемија минималната плата, а ние ќе почекаме до март наредната година.
Во однос на тоа за колкав процент ќе се зголеми минималецот во март, тоа ќе го утврди Економско социјалниот совет врз основа на статистичките податоци, односно процентуалното зголемувањето на минималецот треба да биде колку инфлацијата.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска, пак рече дека би сакала да може да ги зголеми сите плати, но оти тоа ќе ја зголеми инфлацијата.
Бизнисмените, пак, се противат на зголемување на минималната плата, зашто тоа ќе поттикне зголемување и на останатите плати и ќе ги зголеми нивните трошоци.
Минималната потрошувачка кошничка за едно четиричлено семејство, кое ја пресметува ССМ, е над 1000 евра месечно, односно скоро три минимални плати.
За споредба Црна Гора воведе две минимални плати за вработените во зависност од образованието. За оние со средно и пониско образование минималецот ќе биде 600, а за вработените со више и повисоко образование од тоа – 800 евра како дел од нацртот на фискалната стратегија на Владата, како и на политичката програма „Европа сега 2” за да може статистички да се дојде до просечна заработка од 1.000 евра.
Во 2020 година минималната плата изнесувала 222 евра, па со најавеното зголемување таа би се зголемила за речиси четирипати.
Владата на Србија и претставници на српските синдикати и Унијата на работодавачи на 15 август ќе почнат преговори за зголемување на минималната плата во земјата. Од репрезентативниот синдикат во Србија предлагаат минималната плата да се зголеми од 400 на 528 евра.
Според пресметките во Бугарија со зголемувањето од 15,4 отсто минималецот треба да биде околу 500 евра. Минималната плата таму се пресметува како 50 отсто од просечната бруто-плата во последните четири квартали.
Подготвено од М.Д.