Ethiopian-Airlines_

12.08.2024 Скопје

Авиокомпанијата „Ethiopian Airlines“ со консултантската куќа Дар од Дубаи потпиша договор за дизајнирање на „мега-аеродром“, најголемиот во Африка, вреден 6 милијарди долари, во близина на главниот град Адис Абеба.

„Новиот аеродром ќе има 4 писти и се планира да  опслужува 100 милиони патници годишно, изградбата ќе трае 5 години и ќе зафаќа 35 квадратни километри“, изјави  генералниот директор на авиокомпанијата Месфин Тасев.

Според него, првата фаза ќе биде изградба на аеродромски инсталации со капацитет за 60 милиони патници годишно, а со завршување на втората фаза ќе се зголеми на 100 милиони патници годишно.

Според договорот, компанијата Дар ќе и помогне на Ethiopian Airlines да избере изведувач.

Ethiopian Airlines е најголемата авиокомпанија во Африка, со обрт од 7 милијарди долари во 2023/2024 година. Годишно превезува 17,1 милиони патници.

Центарот на таа авиокомпанија е меѓународниот аеродром Боле во Адис Абеба, кој има максимален капацитет од 25 милиони патници годишно, така што идниот аеродром би имал 4 пати повеќе сообраќај од него.

Подготвено од М.Д.

About Author