02.08.2024 Скопје
Субвенциите за инвертор клима уредите за кои аплицираа граѓаните на јавниот повик на Министерството за економија во почетокот на годинава, ќе бидат исплатени по донесување на ребалансот на Буџетот. Ова вчера на брифинг со новинарите го потврди министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочоска, која на новинарско прашање рече дека за оваа намена се обезбедени пари.
„Прво ги скративме, но по реакција на министерот за економија Бесар Дурмиши ги додадовме средствата. Сите ќе ја добијат поддршката кога ребаласот ќе биде изгласан во Собранието“, рече министерката Димитриеска Кочоска.
Јавниот повик за субвенции за клима уредите на крајот на јануари и во почетокот на февруари годинава предизвика огромен интерес кај граѓаните. Само за неколку дена колку што траеше, беа поднесени околу 8.000 барања, а заедно со другиот повик за субвенции имаше над 18.800 апликации.
Станува збор за доделување ваучери за инвертер клима-уреди согласно програмата за поттикнување енергетска ефикасност на домаќинствата за 2024 година за што беа предвидени 210.000.000 денари, како и за доделување ваучери за инвертер клима-уреди согласно програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2024 година за што беа предвидени 45.000.000 денари.
Подготвено од М.Д.