UKRAINA

02.08.2024 Скопје

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека територијалните отстапки за ставање крај на војната што ја започна Русија ќе бараат референдум во Украина.

Сепак, тој додаде дека таквиот потег не е најдобрата опција бидејќи си имаат работа со рускиот претседател Владимир Путин и ќе биде победа за него ако земе дел од нивната територија.

„Украина никогаш нема да се откаже од своите територии бидејќи тоа би било напад врз уставот“, рече тој, додавајќи дека секој таков потег е многу, многу тешко прашање.

Одлуките за територијалниот интегритет на Украина не може да ги носи претседателот, туку украинскиот народ, рече Зеленски.

„Тоа е против уставот на Украина, а оние што се на власт немаат официјално право да се откажат од своите територии. За да се случи тоа, украинскиот народ мора да го сака тоа“, додаде тој, не исклучувајќи ја можноста за референдум за ова прашање.

Виктор Коваленко, украински аналитичар, вели дека предлогот за референдум на Зеленски е значајна промена во надворешната политика, што може да ја намали популарноста на Зеленски, која во моментов ја држи единството на нацијата во борбата за опстанок.

„Украина би можела да го разгледа ризикот од референдум, бидејќи тоа не гарантира дека украинскиот народ ќе се согласи да отстапи територија. Тие би можеле да го потврдат своето отфрлање на Русија и да ги потврдат границите од 1991 година“, рече тој, мислејќи на годината кога Украина прогласи независност. „Друг критичен фактор е тоа што територијалниот референдум бара прекин на огнот од Путин, а моментално окупираните територии нема да можат да учествуваат. Останува неизвесно дали Кремљ е подготвен да ги запре нападите и бомбардирањата во оваа фаза“, додаде тој.

По две и пол години војна, Русија и Украина се далеку од преговори, но неодамнешните истражувања во Украина укажуваат на промена на мислењето кај населението за изгледите за преговори. Анкетата спроведена во мај од Киевскиот Меѓународен институт за социологија (КИИС) покажа дека една третина (32 отсто) од Украинците би прифатиле отстапување територии за мир и независност, во споредба со 26 отсто во февруари оваа година и 9 отсто во февруари 2023 година.

Повеќе од половина (55 отсто) сè уште се против отстапувањето на територијата на Русија доколку тоа би ја прекинало војната, но тоа е помалку од 74 отсто во декември 2023 година. Украински медиум во јули објави дека 44 отсто од луѓето во земјата се согласиле дека дојде време за почеток на преговори со Русија.

Зеленски минатиот месец изјави дека е подготвен да разговара доколку има добра волја од руска страна.

Тој рече дека руските претставници треба да присуствуваат на вториот мировен самит во ноември за да го претстават мировниот план кој вклучува повлекување на сите руски трупи од украинска територија. Од друга страна, Русија бара повлекување на украинските војници од сите четири анектирани региони.

Подготвено од М.Д.

About Author