08.08.2024 Скопје
Турските власти го блокираа пристапот до Roblox, популарна платформа за онлајн игри, набргу откако воведоа слична забрана за Инстаграм, објавија турските медиуми.
Во писменото соопштение од Министерството за инфраструктура, се наведува дека забраната е изречена со одлука на кривичен суд на градот Адана.
Според истрагата спроведена од страна на Генералното обвинителство во Адана според Законот за регулирање на интернет публикации и борба против криминалот, беше откриено дека платформата за игри наречена Roblox содржи апликации кои можат да предизвикаат злоупотреба и криминални активности кај децата, поради што пристапот до платформата е блокирана со одлука на Шестиот кривичен суд во Адана.
Не треба да се заборави дека Турција е земја во која владее правото.
Должност на државата е на најдобар можен начин да ги заштити и поддржи интересите на нашите деца, изјави министерот за правда Јилмаз Тунч, коментирајќи ги причините за блокирање на платформата.
Според официјалните податоци, платформата Roblox има околу 15 милиони корисници во Турција.
Подготвено од М.Д.