lozje

29.08.2024 Скопје

Идејата за малите семејни винарници, душата на винскиот туризам, мора да продолжи. Тиквешкиот Регион, за неколку години, ќе прерасне во Тоскана на Балканот. Бројот на сместувачки капацитети во малите семејни винарници постојано се зголемува. Од неодамна, уште една мала семејна винарница има сместувачки капацитети – апартмани за 12 луѓе, информираат од „Македонски семејни винарии“

Се зголемува бројот на сместувачки капацитети во малите семејни винарници. Винскиот туризам станува носител на туристичката понуда во Тиквешкиот Регион, кој изобилува со специфични, традиционални и автентични сорти вина. Од Здружението „Македонски семејни винарии“ велат дека со зголемувањето на сместувачките капацитети се комплетира уште една винска приказна од идејата мали семејни винарници.

„Идејата за малите семејни винарии, душата на винскиот туризам, мора да продолжи. Тиквешкиот Регион, за неколку години, ќе прерасне во Тоскана на Балканот. Бројот на сместувачки капацитети во малите семејни винарници постојано се зголемува. Од неодамна, уште една мала семејна винарница има сместувачки капацитети – апартмани за 12 луѓе“, информираат од „Македонски семејни винарии“.

Одличната местоположба и близината со патниот правец Е75, преку кој транзитираат приближно 4 милиони туристи во текот на годината, отвора можности за посета на поголем број транзит туристи.

„Во последниве години, во нашата земја почна циклус на развој и раст на винската индустрија, пред сè во сегментот на малите семејни винарници, кои имаат идеална можност за развој на винскиот туризам како нови туристички производи. Според регистарот на Министерството за земјоделство, во 2023 година имало регистрирано повеќе од 200 винарници, кои треба да се сметаат како нови туристички производи доколку имаме јасна визија што сакаме да постигнеме на ова поле. Моменталната состојба не е за пофалба, бидејќи на терен недостигаат патно и туристичко означување, дегустациски центри, сместувачки капацитети, дигитализација, додека туристичката промоција недостига на секое поле во 2024 година. Да не ја заборавиме концентрацијата на малите семејни винарници што се лоцирани во голем број, во близина на автопатот Е75, преку кој транзитираат приближно 4 милиони туристи во текот на годината“, изјави Љупчо Јаневски, туристички експерт.

Сепак, тој смета дека треба уште да се работи за да прерасне Тиквешкиот Регион во Тоскана на Балканот.

„Со заедничка работа, во следните пет години, овој вид туризам ќе претставува јака страна на руралниот туризам. За таа цел, потребно е што поскоро да се создадат тимови во општините, кои ќе работат на европски проекти што ќе овозможат услови за развој на винскиот туризам и ќе им помогнат на винарите за апликација на ИПАРТ-фондовите за оваа намена, фокусирајќи се на дегустациските центри и на сместувачките капацитети“, смета Јаневски.

Тој смета дека стратегијата за туризам силно ќе ги потенцира улогата и потребата од развој на овој тип туристичка понуда со планови за развој, имплементација и буџетска рамка за наредните од пет до десет години. Ова значително ќе ја подобри климата за инвестиции во руралниот туризам и воопшто во македонскиот туристички сектор, овозможувајќи раст на локалниот економски развој, нови работни места, намалување на миграцијата и зајакнување на руралните средини.

Освен во Тиквешко, како познат вински регион, мали винарници се регистрирани и во Прилеп, Битола, Скопје, Куманово.

Сопствениците на малите семејни винарници истакнуваат дека бројот на овие винарници последниве години значително се зголемил поради законските олеснувања и создавањето можности за излез на пазарот со сопствени производи од грозје во домашни услови. Но, освен производство на вино, ракија и на жестоки пијалаци, во мали винарници се регистрираа и оние што индивидуално се занимаваат со традиционално производство на маџун и ракија и можат да продаваат од куќен праг.

Подготвено од М.Д.

About Author