29.08.2024 Скопје
Законот за нефер трговски практики ќе стартува од идниот месец, а беше донесен во првата половина на месец март годинава. Во тој вакум простор на трговците им беше дозволено да ги средат документите и нарачките кои им се неопходни за работа, и на тгој начин да се приспособат согласно новите правила. Очекувањата на експеретите се дека со тоа што нема да може трговците на своја рака да формираат високи цени на одредени производи во голема мера ќе се стави крај на континуираниот раст на цените во трговијата пред се на храна.
„Надоместоците кои сега се наплаќаат во договорниот однос меѓу купувач и добавувач, кои надоместоци сериозно влијаат на малопродажната цена на штета на потрошувачите, ќе се сметаат за забранета нефер трговска практика“, соопштија од Министерството за економија.
Законот предвидува и казливи одредби, за непочитување на законските правила се предвидени глоби до 20 000 евра. Со ова законско решение се опфатени околу 2 500 прехранбени производи, а со него ќе бидат регулирани точно 26 нефер практики кои се докажаа дека дел од трговците ги практикувале.
„Ќе се елиминира неоправданиот и непропорционалниот трансфер на економски ризик од еден трговски партнер на друг или да се наметне значителна нерамнотежа на правата и обврските на еден трговски партнер кон друг. Надоместоците кои сега се наплаќаат во договорниот однос меѓу купувач и добавувач, кои надоместоци сериозно влијаат на малопродажната цена на штета на потрошувачите, ќе се сметаат за забранета нефер трговска практика”, истакнаа од министерството.
Тоа што е значајно за целиот ланец во трговијата е што се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори, односно купувачи и добавувачи, кои се активни во синџирот снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи. Тоа што е важно да се напомене е дека законското решение обезбедува поефикасни контроли и надзор на Комисијата за заштита на конкуренцијата која добива дополнителна надлежност.
Од следниот месец рабатот на трговците за земјоделски и прехранбени производи ќе биде ограничен на 10 отсто, за разлика од сега кога тој на дел од производите достигнува фантастични 40 отсто од цената.
Подготвено од М.Д.