LGBT

14.08.2024 Скопје

Комесарот на Советот на Европа за човекови права Мајкл О’Флаерти го повика бугарскиот претседател Румен Радев да не го потпишува законот за забрана на таканаречената геј пропаганда во училиштата.

Како што јавуваат бугарските медиуми, О’Флаерти изразил „длабока загриженост“ поради законот усвоен во бугарскиот парламент за забрана на таканаречената ЛГБТ пропаганда во школите.

„Го повикувам бугарскиот претседател Радев да не го потпишува тој закон. Властите мора да се борат против дискриминацијата и непријателската реторика кон ЛГБТ заедницата, особено пред избори“, порачал О’Флаерти.

Бугарскиот парламент на 8 август донесе измени на законот за образование, во кои се забранува „ЛГБТ пропаганда“ во училиштата.

Измената, предложена од партијата Препород, е усвоена со големо мнозинство, со 159 гласа за, 22 против и 12 воздржани.

Левичарите и групите за правата на ЛГБТ лицата овој потег го оценија како облик на дискриминација.

Со измените на законот се забранува во образовниот систем, на кој било начин, директно или индиректно, пропаганда, промоција или поттикнување на идеи и ставови поврзани со нетрадиционална сексуална ориентација и/или родов идентитет освен биолошкиот.

Во 2021 година Унгарија исто така донесе сличен закон, забранувајќи ЛГБТ пропаганда насочена кон малолетници.

Подготвено од М.Д.

About Author