suma-001-1

22.08.2024 Скопје

Злоупотребите во Национални шуми се јасни, наспроти само 30 дрвосечачи, има 300 административни работници, од кои дел не се појавуваале на работните места, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски кој потврди дека се испитува работата на претходното раководство.

„Мислам дека веќе има истрага за работењето на претходното раководство на компанијата. Во моментот основната дејност на Национални шуми е да се занимава со одржување на шумите. Ако ви кажам дека има само 30 секачи тогаш сум ви кажал сѐ. Инаку, има таму луѓе повеќе од 300-та коишто би требало да бидат секачи, но тие не се секачи, туку се административни работници. Дел од нив нормално не се ни појавувале на работните места. Од прилика така функционирала коалицијата СДСМ-ДУИ, но мислам дека надлежните органи се веќе во компанијата, веќе ги истражуваат овие злоупотреби и набргу од денеска ќе имаме одговорност“, изјави Мицкоски.

Тој потсети на неговата најава дека  веќе  од следниот месец голем дел од основаните сомневања коишто ги имале во минатото ќе бидат поткрепени со цврсти докази.

„Сакаме да се обезбедиме со јасни докази, докази коишто ќе бидат цврсти за тој којшто направил злодела, ги ограбувал граѓаните, ги понижил, да одговара за тоа што го направил и тоа многу скоро од денеска почнувајќи од оваа есен, реков септември, чинам дека ќе почне сигурно да прогресира понатаму“, рече премиерот Мицкоски.

Подготвено од М.Д.

About Author