12.08.2024 Скопје
Откако Владата го усвои Дополнетиот предлог за измени и дополнувања на Буџетот за 2024 година, тој повторно денеска е на дневен ред во Собранието за негово разгледување и усвојување на пленарна седница. Овој дополнет ребаланс на Буџетот за 2024 година тртеба да одговори на неколку предизвици за кои се појави потреба да се направи надополнување во буџетите на одредени буџетски корисници.
Според креаторите на ова буџетско прекројување со дополнувањето се обезбедија средства за Државната изборна комисија, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Агенцијата за заштита на личните податоци, Оперативно-техничката агенција, Инспекцискиот совет, Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за образование, Царинската управа, судската власт, Јавното обвинителство, Советот на јавни обвинители, Народниот правобранител.
„Поконкретно, со надополнувањата се обезбедуваат средства за исплата на плати и за набавка на опрема. Меѓу другото, во Државната изборна комисија се дополни износ од 350 милиони денари, потоа 147 илјади денари за набавка на опрема во Инспекцискиот совет, 60.000.000 денари во МВР за набавка на материјали за лични документи, 87,2 милиона денари за завршување на реализацијата на проектот за изградба на брана на реката Отиња и дополнителни 20 милиони денари за надоместок за одземен имот за овој проект (експропријација), потоа 18,7 милиони денари за научноистражувачки проекти и 3,3 милиони за набавка на опрема за Македонската академија на науките и уметностите и 138.000 денари за завршување на реализацијата на набавката на опрема кај Народниот правобранител“, велат од министерството за финансии.
Дополнително властите наведуваат дека се обезбедени средства за целосно сервисирање на сите права и доспеани обврски до крајот на годината, средства за пензионерите, за вработените во администрацијата, за бизнисот, за здравството. Во образложениетоза што друго се обезбедени пари од финансии велат:
„Над 4 милијарди денари дополнителни средства за исплата на плати – средства потребни за реализација на преземените обврски за зголемување на платите согласно потпишаните колективни договори и законските решенија што беа донесени по усвојувањето на Буџетот за 2024 година, и тоа: Колективниот договор на УКИМ и измената на законите за високо образoвание и научноистражувачката дејност, усогласување со минималната плата за вработените каде што минималната плата претставува компонента на основната плата, усогласување на платите според индексот на трошоци на живот за првите шест месеци од годината, согласно одредбите од Општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор и ова право ќе биде исплатено со септемвриската плата; дополнителни 5,1 милијарда денари за исплата на пензии и обезбедување подобар и поквалитетен живот на највозрасните граѓани; дополнителна финансиска поддршка од околу 800 милиони денари за корисниците на правото на гарантирана минимална помош; дополнителни 1,7 милијарди денари за здравствена заштита, наменети за здравствено осигурување,боледувања и исплата на обврски; дополнителни 1 милијарда денари за ТИРЗ; дополнителни 1,7 милијарди денари за субвенции и трансфери за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор дополнителни 437 милиони денари за студентски оброк и 207 милиони денари за исплата на стипендии.“ додаваат од МФ.
Со ребалансот дополнително треба да се обезбедат и 6 милијарди денари за проекти во општините. Опозицијата реагира на овој ребаланс дека власта работи без план и најмалку во интерес на граѓаните. Според нив загрижувачки е продлабочувањето на буџетскиот дефицит и намалувањето на прогнозата за економскиот раст. Тоа се доволни потврди за нив дека оваа влада нема економска програма.
Подготвено од М.Д.