zanaetciska-komora-696x410

06.08.2024 Скопје

Занаетчиската комора е задоволна од одѕивот на учениците кои годинава одбрале стручно наспрема гимназиско образование и бара суштинска промена и зголемување на субвенциите за отворање сопствени бизниси која ќе придонесе младите кадри да останат во државава, информираа денеска надлежните од Занаетчиската комора.

Недостатокот од одредени профили се надоместува со увоз на работна сила, па затоа Занаетчиската комора бара да се зголемат субвенции за отворање на сопствени бизниси и македонскиот кадар да остане во земјава.

„Во дуалното образование има субвенции, но потребна е поддршка да се задржи квалитетна работна сила која ја имаме во земјава. Воедно, фирмите кои имаат потпишано меморандум за соработка бараат исплата на трошоци за менторска обука и за репроматеријалите, што дополнително ќе го подобри квалитетот на практичната настава. Институциите не треба да дозволат младите да заминат во странство каде што занаетите навистина се ценат и одлично се платени. Затоа е потребно зголемување на субвенциите на пример за мерката самовработување. Пет илјади евра се можеби доволно да се отвори фризерски салон, но недоволни за автомеханичари или пекари“, изјави претседателот на Комората, Агрон Фазлии.

Комората бара државата да воведе суштински промени. За комората добро е искуството од Хрватска која субвенционира дури 30.000 евра за отворање сопствен бизнис.

„Такви промени се потребни и кај нас. Не може да бидете конкуренти со несоодветна опрема, туку со модерна која не може да се набави со сегашните пет илјади евра“, вели Фазлии.

Повисоките субвенции, сметаат надлежните од Комората ќе придонесат бизнисите побрзо да се развијат, занаетчиите ќе можат да вработат сопствен кадар со одредени клаузули со кои ќе се задржат занаетчиските дејности во државата и ќе се намали недостатокот од одредени кадри како што се механичари, бравари, водоводџии, електричари.

Подготвено од М.Д.

About Author