24.08.2024 Скопје
Просечната јунска плата во Словенија била 2.366,79 евра бруто или 1.501,97 евра нето, покажуваат податоците на Заводот за статистика на Република Словенија. Тоа е нешто повеќе од мај – номинално 1 отсто повеќе, а реално 0,6 проценти повеќе. Во текот на годината просечната бруто-плата е зголемена за 5,2 отсто, а нето за 2,6 отсто. Повисока е и просечната месечна плата за првата половина од оваа година на годишно ниво, јавува словенечката агенција за печат.
Споредено со првата половина од 2023 година, платата во првата половина од оваа година е номинално повисока за 6,5% (или за 3,5% реално). Во приватниот сектор просечната бруто-плата во јуни е намалена за 1,1%, додека во јавниот сектор е зголемена за 5,2%. Во институционалниот сектор на државата, кој е дел од јавниот сектор, тој е поголем за 6,3%.
Главната причина за ваквото покачување на платите во јавниот сектор е усогласувањето на платите од скалата за плати од 1 јуни за 3,36%, што беше договорено од претставниците на синдикатите од јавниот сектор и Владата на крајот на минатата година. Во јуни просечната плата во јавниот сектор е повисока отколку во приватниот сектор. Во приватниот сектор изнесува 2.214,91 евра бруто, а во јавниот сектор 2.701,33 евра.
Хрватските плати сè уште заостануваат зад платите во Словенија, иако се забележува посилен интензитет на раст. Во Хрватска, во јуни, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во правните лица изнесува 1.315 евра, што е за 11,6 отсто повеќе од јуни минатата година, но и за 0,7 отсто помалку во однос на мај 2024 година, објави во средата Заводот за статистика (ДЗС). Просечната месечна бруто-плата по вработен во правните лица на Република Хрватска во јуни изнесува 1.819 евра, што реално е за 11,7% повеќе во однос на претходната година.
Подготвено од М.Д.