Infineon_Germany

07.08.2024 Скопје

Германскиот производител на микрочипови „Инфинеон“ (Infineon) ги објави плановите за укинување на 1.400 работни места и уште толку да премести на „поевтини локации“ за да се преброди периодот на слаба побарувачка. Отпуштањата ќе опфатат околу 500 работници во германски Регенсбург, соопшти компанијата, без да даде детали за други локации.

Овој потег треба да ги пренесе работните места од сите „земји со високи плати“, од Северна Америка до Азија, во поповолни земји каде што веќе работи „Инфинеон“, додаде извршниот директор Јохен Ханебек. Одлуката за мерките беше тешка, нагласи Ханебек, истакнувајќи дека Регенсбург ќе го задржи статусот на „централна локација“, фокусирана на истражување и развој.

„Инфинеон“ ќе продолжи да создава работни места во Дрезден, додаде тој. Германскиот производител на чипови моментално се бори со слабата побарувачка, како и целиот сектор. Вчера известија дека добивката во третиот фискален квартал им е намалена на половина, на 403 милиони евра.

Нивните приходи се намалени за девет отсто, на 3,7 милијарди евра. Во четвртиот фискален квартал, кој завршува во септември, очекуваат приход од околу четири милијарди евра.

„Нашите целни пазари многу бавно закрепнуваат“, забележува менаџментот, истакнувајќи дека поради континуираниот слаб економски раст, крајната побарувачка во многу делови од светот не ги покрива залихите.

Подготвено од М.Д.

About Author