23.08.2024 Скопје
Започна поставувањето на светилките ТИП 4 кои се и последна фаза на паметното осветлување на јавни површини во Општина Центар. Тип 4а и Тип 4б се декоративни светилки и ќе бидат инсталирани на пешачки патеки и споредни улици низ целата општина односно близу основни училишта, градинки, паркови, шеталишта итн. Ќе бидат поставени вкупно 261 парчиња, а денес инсталирањето започна од шеталиштето кај ПС Беко.
Градоначалникот Горан Герасимовски вели дека ова е последната фаза на поставување на паметни светилки низ делови на општината, а следната фаза е поставување на паметни ормари кои ќе го дадат финишот и крајниот ефект од економичното паметно осветлување.
„Денеска започна инсталацијата на Тип 4 светилките кои ќе бидат инсталирани близу шеталишта, паркови, градинки и училишта како и споредни улици во општината. Паметното осветлување, меѓу кои и Тип 4 светилките е лед осветлување со технологија со автоматско димирање односно саморегулација за зголемување и намалување на светлината следејќи го заоѓањето на сонцето. Тоа значи дека кога на улицата, паркот или шеталиштето ќе нема фреквенција од пешаци или автомобили осветлувањето ќе биде „потивко“. Односно ќе има заштеда на трошоците на струја во општината или истото ќе се зголемува доколку има фреквенција на улицата“, вели Герасимовски.
Процесот за менување на јавното осветлување со нови смарт светилки Општина Центар го започна во април. Поставувањето се одвива етапно според урбани заедници и до крајот на проектот ќе бидат поставени вкупно 3982 улични светилки. Покрај замената на старите со новите ЛД светилки ќе бидат поставени и 150 паметни ормари преку кои ќе бидат вклучени група на светилки што ќе се постигне значително подобрување на работењето на уличното осветлување, информираат од Општина Центар.
Подготвено од М.Д.