pozar

12.08.2024 Скопје

Осум дена притвор и кривична пријава за предизвикување на шумски пожар за скопјанец и неговите два сина кои биле фатени непосредно откако подметнале пожар кај Патишка Река во околината на Скопје. Тие биле забележани од, за разлика од нив, совесен граѓанин кој веднаш ја повикал полицијата. При апсењето, кај нив биле најдени уште неколку литри бензин со кој полевале за да предизвикаат шумски пожар.

„Тројцата соизвршители, со намера да предизвикаат општа опасност за животот и телото на луѓето или за имот од големи размери, на 9 август предизвикале пожар, полевајќи со запалива течност шумско земјиште покрај локален пат на местото викано „Дупки“ кај Патишка Река. Опожареното земјиште е во државна сопственост, а постоела опасност пожарот да се прошири на поголемо подрачје, нискостеблеста и високо стеблеста шума, па дури да зафати и дел од Националниот парк „Јасен”, информираат од Јавното обвинителство.

Против нив е поднесена кривична пријава за предизвикување шумски пожар.

„Тој што со пожар, поплава, експлозија, отров или отровен гас, јонизирачко зрачење, моторна сила, електрична или друга енергија или со друго општоопасно дејствие или средство ќе предизвика значителна опасност за животот или телото на луѓето или за имот од големи размери, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години“, се наведува во член 228, став 1 од Кривичниот законик.

Според официјалните податоци, од 17 јули кога полицијата почнува со оперативната акција „Пожар 2024“ откриени се осум случаи, а кривични пријави се поднесени против вкупно 11 лица од Радовиш, Велес, Прилеп, Скопје и Свети Николе. Тие се товарат за предизвикување на општа опасност и предизвикување на шумски пожар.

Министерството за внатрешни работи (МВР) минатата недела ги подигна дроновите за да може полесно да ги „лови“ подметнувачите на шумските пожари. Дроновите ќе летаат 24 часа во денот во повеќе подрачја од државата и се опремени со термални камери за да бидат оперативни и во ноќни услови.

Според последните информации на ЦУК, вчера се регистрирани 42 пожара од кои 31 се изгаснати,  пет се под контрола, а шест се активни. Повеќе од 20 дена пожарникарите, армијата, специјалните полициски единици, доброволци и странската помош, како на земја, така и од воздух, се обидуваат да го локализираат и изгаснат пожарот кај „Јасен“, а гори и на Галичица, во Новаци, во Македонски Брод, во Кичево и во Чашка.

Подготвено од М.Д.

About Author