24.08.2024 Скопје
Граѓаните наскоро ќе можат да ги добијат услугите на Агенцијата за катастар по значително пониски цени, намалени и до 75 проценти. Ова го најави директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, по работната средба со премиерот Христијан Мицкоски, на која фокусот беше ставен на тековните активности на агенцијата и идните проекти, насочени кон обезбедување на поквалитетни услуги за граѓаните и професионалните корисници.
Како што информираше Живковски, до Управниот одбор вече е доставен предлог за намалување на надоместоците за поголемиот дел од услугите кои ги нуди Катастарот.
Предлогот, како што посочи, доаѓа како одговор на бурните реакции во јавноста по зголемувањето на цените во февруари 2024 година, од страна на претходното раководство на агенцијата.
Говорејќи за новините поврзани со предлогот за намалување на цените, Живковски објасни дека според актуелниот тарифник, за упис на недвижности се наплаќа надоместок по имотен лист во износ од 1.250 денари, а не по правен основ.
„На пример, доколку склучите договор за купопродажба на стан, треба да извршите упис во катастарот на 4 имотни листови: за станот, земјиштето под зградата, заедничките простории и паркинг местото. Во моментот, за оваа пријава се плаќаат 5.000 денари, но со измените во тарифникот, граѓаните ќе треба да платат само 1.250 денари по правен основ, што претставува намалување од 75 отсто на овој надоместок“, истакна Живковски.
Тој нагласи дека Агенцијата за катастар на недвижности игра клучна улога во регулацијата и развојот на гео-просторната инфраструктура, урбанистичкото планирање и пазарот на недвижности, додавајќи деак предложените намалувања на цените се само вовед во најголемата реформа и модернизација на катастарот на недвижностите во државата.
Намалување ќе има и за оставинските постапки и договорите за дар каде наплатата ќе биде 1.250 денари по правен основ за една катастарска општина, без оглед на бројот на имотните листови во катастарската општина, а не како до сега 1.250 денари по имотен лист.
Во согласност со процедурите за измена на тарифникот, по добивање согласност од Управниот одбор, Владата исто така треба да даде своја согласност. Се очекува сите потребни процедури да бидат завршени во најкраток можен рок, овозможувајќи граѓаните и правните субјекти да добиваат услуги по значително пониски цени.
На средбата беше потенцирано дека ова е само почеток на дигиталната трансформација на Р.С. Македонија, со планирани проекти кои ќе водат кон подобрување на услугите, модернизација и дигитализација на катастарот. Следуваат денови на реформски процеси и унапредување на сите јавни сервиси поврзани со катастарот на недвижности.
Подготвено од М.Д.