13.08.2024 Скопје
Ново прочување на Марс покажува дека под површината на оваа планета има вода доволно за да се наполни цел океан. Оваа вода, за којашто се верува дека се наоѓа на 11 до 20 километри под кората на Марс, најверојатно протекла од површината пред неколку милијарди години кога на „Црвената Планета“ имало реки, езера и, можеби – океани, според научниците од Институтот „Скрипс“ при американскиот Универзитет на Калифорнија во Сан Диего.
„Самото тоа што можеби сè уште тече вода во внатрешноста на Марс, не значи дека таа содржи живот. Наместо тоа, нашите наоди значат дека има потенцијално населлива средина“, се вели во извештајот.
Наодите објавени денеска се засноваат на истражувања сеизмички мерења од приземјувачот „Марс инсајт“ (Mars InSight) на НАСА, што откри повеќе од 1.300 земјотреси пред да биде затворен пред две години. Проучувањата на собраните податоци потоа посочија дека, многу веројатно, се работи за подземни води.
Според проценките, подземната вода би била доволна да наполни еден просечен океан со длабочина од еден до два километри. Ќе бидат потребни дупчалки и друга опрема за да се потврди присуството на вода и да се пронајдат потенцијални микробни знаци на живот.
Се смета дека Марс имал вода на својата површина пред повеќе од три милијарди години, а се чини, ја изгубил бидејќи атмосферата се разредувала, претворајќи ја планетата во сува пустина со прашлива површина. Научниците теоретизираат дека голем дел од оваа прастара вода испарила во вселената или останала закопана под површината на Марс.
Подготвено од М.Д.