Maria_Branyas_Morera_117e_aniversari1

21.08.2024 Скопје

Марија Брањас, најстарата личност на светот, почина мирно во шпански дом за стари лица на 117-годишна возраст, објави во вторникот нејзиниот профил на платформата X.

„Марија Брањас нè напушти. Почина како што сакаше: во сон, мирно и без болка“, пишува на нејзиниот X профил. Портпаролот на домот за стари лица ја потврди веста.

Брањас навести дека наскоро ќе умре, објавувајќи на X во понеделник: „Се чувствувам слабо. Доаѓа часот. Не плачете, не сакам солзи… Ме знаете, каде и да одам ќе бидам среќна“.

Нејзиниот профил на X го управува нејзината ќерка.

Марија наполни 117 години на 4-ти март, според Гинисовата книга на рекорди, а стана најстарата личност во светот во јануари 2023 година.

Родена во Сан Франциско, Калифорнија во 1907 година, таа се вратила со своето шпанско семејство во Каталонија кога имала седум години. Таа го помина остатокот од својот живот таму, преживувајќи ја Шпанската граѓанска војна од 1936 до 1939 година и две пандемии – шпанскиот грип во 1918 година и ковид-19 во 2020-2021 година.

Се омажила за каталонскиот лекар Жоан Морет во 1931 година, со кој има три деца. Нејзиниот сопруг починал во 1976 година, а таа го надживеала синот Август, кој загинал во тракторска несреќа на 86-годишна возраст, според Гинисовата книга на рекорди.

Брањас им дозволи на научниците да ја проучат нејзината извонредна долговечност, која ја припишуваше на среќата, добрите гени и „редот, мирот и добрите односи со семејството и пријателите, контактот со природата, емоционалната стабилност, фактот дека нема грижи и не се кае, многу позитивност и избегнување токсични луѓе“, велат од Гинис.

Наполни 117 години, таа стана 12-та потврдено најстара личност во светот во историјата.

И покрај повеќето податоци за најстари лица од разни делови на светот, кои за неколку години ја надминуваат возраста Брањас, официјално според Гинисовата книга на рекордите досега најдолговечна личност на планетата е Французинката Жана Келман. Таа во време на нејзината смрт во август 1997 година, нејзината возраст тогаш беше 122 години и 164 дена.

Носител на титулата најстар човек на светот со 117 години верификувано од Гинисовата книга на рекордите до 2017 година му припаѓаше на Јапонецот Џироемон Кимура роден на 19-ти април 1897 година кој во јуни 2013 година почина од старост.

Меѓутоа, на крајот од април 2015 година Виетнамката Н’гујен Ти Чу, тогаш со 122 години, беше потврдена како најстарата жена на светот, според директорот на Гинисовата книга на рекордите, со што таа официјално ја презема „титулата“ од Јапонката Мисао Окава којашто почина на 1-ви април 2015 година на возраст од 117 години, а само седмица подоцна почина и Американската Гертруд Вивер, којашто со своите 116 години на кусо беше најстара жена и воедно личност на планетата.

По деталното проверување Н’гујен Ти Чу од градот Хо-Ши-Мин, официјално на 20-ти април 2015 година беше прогласена за најстариот жител на планетата Земја. Родена 1893 година, Чу во своите 40-ти години го родила своето најмладо дете, синот кој во 2014 година починал на 72 години.

На 11-ти јуни 2014 година беше објавено дека Кармело Флорес, кој според боливиските власти беше најстариот човек на планетата, починал во 124 година од животот во болница во Ла Паз. Кармело Флорес, припадник на домородната индијанска заедница Аимара, официјално е роден на 16-ти јули 1890 година. Живеел на надморска височина од 4.000 метри во зафрленото селце Фраскиа, западно од Ла Паз, во близина на езерото Титикака, хранејќи се со житарките кои успеваат на Андите и пиејќи исклучиво изворска вода. Селскиот лекар, Адалберто Сегалес истакна тогаш дека старецот „боледувал од дијабетес”, како и дека последниот период му се влошила здравствената состојба. Зад себе остави син, 14 внуци и 39 правнуци.

Кон крајот на јули 2013 година, Јужноафриканската Република откри дека таму живее најстарата жена на светот, Н’кукутане Џохана Мазибуко којашто има 119 години, според фотокопијата од нејзината лична карта којашто на AFP му ја испратил новинар кој ја посетил во местото Клерксдорп, издадена 1986 година на која пишува дека е родена на 11-ти мај 1894 година.

Меѓутоа, кон средината на јануари 2013 година портпаролот на гувернерот на авганистанската покраина Вардак, и самиот внук на една старица, објави дека починала најстарата личност на планетата – Хасана којашто имала навршено 136 години од животот. Според другите роднини на починатата долговечна Авганистанка, претходно претставници на УНЕСКО ги земале личните информации за Хасана, но тоа не е резултирало со конкретни дејства или чекори за нејзино официјално прогласување за највозрасен жител на планетата. Шефот на администрацијата на округот Пачирагам каде што била погребана Хасана, Малик Мохамад Аслам потврди дека починатата имала навршено 136 години од животот.

Подготвено од М.Д.

About Author