POJAS GAZA

08.08.2024 Скопје

Околу 600 000 деца помлади од осум години во Појасот Газа ќе бидат вакцинирани против детска парализа, најави Светската здравствена организација. Временската рамка се уште не е докрај утврдена во однос на тоа кога мобилните тимови на СЗО би започнале со кампањата во Газа, но оттаму ги повикаа двете завојувани страни да го прекинат огнот за да може да се осигура безбедноста на здравствените работници на организацијата.

СЗО побара и прекин на непријателствата за да може да се осигура дека вакцините ќе бидат успешно складирани и транспортирани. Организацијата започнува со кампањата на вакцинација оти во последните неколку недели во канализацијата во Појасот Газа е забележан вирусот полиомиелитис кој се пренесува преку фекално-орален пат.

Иако за сега сè уште нема потврдени случаи, СЗО стравува дека во услови на целосен колапс на здравствените системи во Газа, болеста би можела да се шири незабележано и неконтролирано.

Во тешки случаи, детската парализа, позната и како полио, може да доведе до парализа или смрт. Болеста е во голема мера искоренета во многу делови од светот.

Подготвено од М.Д.

About Author