28.08.2024 Скопје
Oхридскиот пливачки маратон оваа година ќе се одржи по 37-ми пат. Главната трка на 25 километри долгата патека „Климе Савин“ од Свети Наум до Охрид, ќе се одржи в сабота на 31 август.
Закажаниот старт во 11:00 часот ќе собере деветнаесет пливачи од девет различни земји. Во машката категорија ќе учествуваат единаесет пливачи, вклучувајќи тројца македонски маратонци: Леонид Мишевски, Евгениј Поп Ацев и Александар Илиевски. Осум пливачки ќе се натпреваруваат во женската категорија.
Наградниот фонд на маратонот е 12.000 евра, со 2.000 евра предвидени за најбрзите пливачи на двата спринта на контролните бови.
Охридскиот пливачки маратон, кој и оваа година е дел од Фестивалот на вода, се организира од страна на Општина Охрид со поддршка од Министерството за спорт и Пливачката федерација на Р.С.Македонија, додека технички организатор е ПК Охридски бранови 2008 – Охрид.
Подготвено од М.Д.