taravari

13.08.2024 Скопје

Речиси еден месец се чека да се формира новиот управен одбор на Фондот за здравствено осигирување за да може да финишира постапката за проширување на позитивната листа на лекови.

Додека пациентите повеќе од десет години чекаат за нови лекови на рецепт, Министерот за здравство повторно со истиот одговор на прашањето кога ќе заврши процедурата, за која во неколку наврати тврдеше дека е при крај.

„Чекаме да се формира Управен одбор на ФЗОМ и на првиот состанок ќе бидат поминати деветте лека кои се веќе испратени од Министерството за здравство, а штом се помине таму, јас ќе ги потпишам истиот ден“, вели министерот за здравство Арбен Таравари..

Директорите на Фондот уште на 24-ти јули изјавија дека за десетина дена оттогаш, ќе излезат со информации околу позитивната листа, но рокот помина, а информации од Фондот кога ќе се состане Управниот одбор, но и дали и колку пари се обезбедени за финансирање на лековите – и натаму нема.

Истовремено неизвесно е и вработувањето на договорците на дело во здравството. Министерот вели дека ќе се заложи до крајот на годинава барем одреден број од нив да добијат решенија, бидејќи како што рече во  секоја болница најголем проблем е недостигот од кадар.

„На одредени договорци ќе им дадеме решение, меѓутоа со број точно не можам да кажам колку, но јас се надевам повеќе од половина од овие што се договорци ќе добијат решенија за работа, со тоа што ќе отвориме простор и за други договорци бидејќи имаме огромен дефицит. Каде и да одам во Република Северна Македонија во сите градови, во сите болници првата и најголемата жалба од раководителите на здравствените институции е недостиг на средно медицински кадар, но и доктори по одредени специјализации“, изјави министерот за здравство Арбен Таравари.

И додека дел од здравствените работници чекаат решавање на работниот статус, одливот на кадар станува алармантен. Институтот за радиологија започна да работи во две смени за да се намали чекањето за резултати, а директорката вели дека голем дел од лекарите се пред пензија, а голем дел пак заминуваат во приватните болници.

„Моравме да направиме внатрешна реорганизација со постоечкиот кадар, имаме проблем со кадарот, одлевање во приватното здравство, доста од кадарот замина во пензија, така што со постоечкиот кадар што не е доволен, моравме да направиме внатрешна реорганизација за да се намали чекањето на наоди. Се работат втори смени, се работи за викенд, тоа е добра волја на луѓето кои се позади мене“, вели д-р Соња Николова – директорка на Институт за радиологија.

Се уште не е решен ниту проблемот со хируршките сали. Таравари информираше дека денеска ќе се распише повторно тендер за нова компресорска станица, откако првиот пропадна бидејќи не се јави ниту една фирма.

Подготвено од М.Д.

About Author