01.08.2024 Скопје
Нотарите нема да можат да ги зголемат тарифите бидејќи министерот за правда, Игор Филков ја повлече одлуката за давањена согласност за зголемување на тарифите на нотрите која ја донесе претходната Влада. Филков информираше дека доколку не ја повлече одлуката граѓаните ќе плаќаат 10 пати повеќе што според Филков тоа е недозволиво а особено поради тоа што целиот процес бил скриен.
Од Нотарската комора возвратија дека во ниту еден случај не може да биде скриен процес. Врз влијанието на измените на Нотарската тарифа има и фактот што од воведувањето на нотаријатот, донесени се низа закони со кои се зголемуваат обврските на нотарите, што само по себе повлекува нови вработувања во нотарските канцеларии, а Нотарската тарифа паралелно се намалува. Од тука нема никаков рационален соооднос и економска исплатливост за функционирање на нотаријатот како независна и самостојна јавна служба.
„Со оглед на тоа дека, за намерите на министерот дознаваме од медиумите, а ја гледаме волјата да го слушне нашето мислење, како Комора, како и досега спремни сме подетално да ги презентираме анализите и аргументите за потребите од измените на тарифата. Доколку, Министерот за правда има аргументирани причини за укинување на измените на Нотарската тарифа, секако тоа може да го стори во рамките на своите законски надлежности, но со тоа нема да го реши проблемот на граѓаните, ниту пак на нотарите. “ – се вели во реакцијата на Нотарската комора на РСМ.
Според новиот тарифник, без разлика дали предметот е во вредност од 500 денари или 50 илјади евра, за составување на нотарскиот акт граѓаните ќе требаше да плаќаат 8000 наместо досегашните 800 денари.
Составувањето на еднострани правни акти наместо 400 денари, ќе требаше да чини три пати повеќе или 1300 денари. Двојно поскапуваат и заверките на потпис и превод.
Екс министерот Лога потпис на новиот тарифник ставил уште во февруари, а Владата го потврди на седница на почетокот на јуни, односно по завршувањето на двојните избори. Иако тарифникот на 12 јуни е објавен во Службен весник, оваа одлука не стои во ниту едно владино соопштение од одржаните седници. Сепак Филков пресече и нотарите ги остави покуси за 10 пати од тоа што планирале да наплаќаат.
Подготвено од М.Д.