12.08.2024 Скопје
Разговараме со одговорните од Управата за електронско здравство „Мој термин“ за користење на телемедицина, најави денеска министерот за здравство Арбен Таравари. Одговорајќи на новинарско прашање за честите проблеми на „Мој термин“ по посетатата на Институтот за радиологија, Таравари рече дека се работи на проширување на „Мој термин“ и евентуално нова дигитализација.
„На Република Северна Македонија дефинитивно ѝ треба сите здравствени установи да бидат во ист систем, и јавни и приватни установи, и фармации, Фондот за здравство. Ќе видиме, ќе разгледаме. Веќе разговараме со ‘Мој термин’ за користење на телемедицината, консултации со пациенти на дистанца бидејќи за одредени прашања тој не мора да се замара да дојде до Клиника, туку може да исконтактира со докторот во одреден период кога тој дава консултации од дистанца. Доколку има потреба, после би го повикал пациентот да го прегледа пациентот физички“, рече Таравари
Во октомври 2022, УСАИД соопшти дека почнува пилот-иницијатива со која ранливите семејства во земјава ќе бидат лекувани со уреди за телемедицина од лекари кои се обучени за давање телемедицински услуги. УНИЦЕФ и УСАИД обезбедија педесетина уреди за следење на здравјето од далечина кои ќе им овозможат на лекарите да вршат физички прегледи од далечина.
Лекарите со помош на уредите за следење можат да вршат физички прегледи на пациентите од далечина за да дијагностицираат акутни состојби како што се ушни инфекции, воспалено грло, треска, настинка и грип, алергии, стомачни проблеми, инфекции на горните дишни патишта и осипи. Една од клучните предности, како што се наведува, е следењето на хроничните состојби кај најранливите и контрола и следење на пациентите по спроведените процедури, вклучувајќи го и ковид-19.
„Иницијативата има за цел да обезбеди алтернативи на традиционалните здравствени консултации лице в лице во случаите кога физичкото присуство не е можно или не е потребно и да го зголеми правичниот пристап до здравствените услуги“, рекоа тогаш од УНИЦЕФ.
Подготвено од М.Д.