mickoski-plenkovic

29.08.2024 Скопје

Премиерот Христијан Мицкоски денеска е во прва официјална посета на Република Хрватска на покана на неговиот хрватски колега Андреј Пленковиќ.

Во Загреб, премиерот Мицкоски освен со хрватскиот премиер, ќе оствари средба и со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и со потпретседателот на хрватскиот Сабор, Жељко Реинер.

Во фокус на разговорите ќе биде евроинтеграцијата на нашата држава, хрватската поддршка, како и предизвиците на патот кон целосна интеграција на земјите од Западен Балкан. На средбите се очекува да стане збор и за можностите за натамошно интензивирање на соработката на сите полиња, особено во делот на економско-трговската соработка.

Во рамки на посетата денеска ќе бидат потпишани и две спогодби во областа на здравството и образованието со кои ќе се унапредува меѓусебната соработка преку размена на искуства и проекти од заеднички интерес.

Соработката во областа на образованието е за временски период до 2028 година и ќе ја потпишат министерката за образование и наука Весна Јаневска и хрватскиот министер за наука, образование и млади Радован Фукс, додека планот за соработка во областа на здравството го опфаќа периодот до 2026 година и потпис на овој документ ќе стават министерот за здравство Арбен Таравари и неговиот хрватски колега Вили Берош.

Дел од владината делегација е и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој вчера присуствуваше на посебна сесија на Годишната конференција на амбасадори, генерални конзули и воени претставници на Хрватска во странство.

Во рамки на посетата на Хрватска предвидено е премиерот Мицкоски да ја посети црквата „Св. Злата Мегленска“ каде ќе се сретне со претставници на македонската дијаспора.

Подготвено од М.Д.

About Author