12.08.2024 Скопје
Далматински пеликани, морски желки, кристално чиста вода… Јадранскиот брег на Албанија е една од последните недопрени области на Средоземното Море. За овој брег се заинтересирани инвеститорите како Џаред Кушнер и неговата сопруга Иванка Трамп, ќерката на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Проектот на компанијата „Афинити партнерс“ опфаќа изградба на луксузниот хотел „Аман ресортс“ на островот Сазан.
Според пишувањето на западните медиуми, токму Иванка Трамп сака да го претвори албанскиот остров во одморалиште за милионери, со луксузни вили и погледи што го одземаат здивот. Доколку проектот се реализира, ќе се состои од неколку десетици вили распослани во карпите на Сазан. Апартманите во објектите на „ Аман ресортс “ обично чинат околу 1.400 долари за ноќ, додека цените за изнајмување вили почнуваат од 50.000 долари.
За ќерката на Доналд Трамп да трансформира дел од историјата со благослов на албанската влада, за која туризмот е камен-темелник на развојот на земјата, потребно е да се добијат уште неколку дозволи, но меѓу жителите на брегот се зборува како за веќе завршена работа.
„Ние брзаме тоа да го започнеме бидејќи покренува верижна реакција за економијата на градот“, рече градоначалникот на Валона, Ермал Дреда, говорејќи на шеталиштето каде што се изградени хотели, откако Албанија стана нова хит туристичка дестинација на оваа страна од Медитеранот – милион туристи слетаа во Тирана само во јули.
Брегот на Албанија, кој некои го нарекуваат „европски Малдиви“, е сцена на вистински туристички бум. Минатата година Албанија забележа четврти најголем пораст на меѓународните туристички пристигнувања, односно пораст од 56 отсто во однос на 2019 година, покажуваат податоците на Светската туристичка организација.
Во Сазан нема продавници со додатоци за плажа, ниту ресторани со менија на повеќе јазици. Во моментов нема ништо на тој остров. Диви смокви, дудинки, светло зелени борови и тиркизна вода. Среде тој рај без вода и струја, илјадници бункери, остатоци од згради и заглушувачка песна на штурците.
Тие урнатини се се што остана од сместувањето на илјадници војници кои беа таму за време на социјалистичката диктатура на Енвер Хоџа. На тие 5,7 квадратни километри имаше повеќе од 2.000 војници со жени и деца, кино, училиште, болница и намирници за да останат отсечени од светот шест месеци, додека на остатокот од Албанија му недостигаше се.
По падот на режимот, островот избегна уништување, но за време на колапсот на албанската економија во 1997 година, сите резерви и воени магацини лоцирани таму беа ограбени. Повторно беше отворен за јавноста дури во 2015 година.
Стратешки лоциран на влезот на каналот Отранто кој ги поврзува Јадранското и Јонското море, островот служел како истурена станица за сите оние кои го освоиле: Византијците, Венецијанците, Германците и Италијанците. Сè уште административно се смета за воена зона, а во текот на сезоната секојдневно го посетуваат туристи кои доаѓаат со брод да ги посетат кривулестите патеки и да му се восхитуваат на единствениот жител на островот: малото сиво магаре.
Доколку се остварат плановите на Иванка Трамп и нејзиниот сопруг, никој не знае дали на туристите сепак ќе им биде дозволено да доаѓаат таму. Или бункерите ќе добијат друго лице – луксузни вили заштитени од љубопитните.
Подготвено од М.Д.