21.08.2024 Скопје
Од Р.С. Македонија си заминавме со позитивни чувства, имавме одлична соработка, драго ни е што помогнавме и бевме корисни за луѓето, истакна Андреас Антониу, шеф и координатор на кипарската мисија која учествуваше во гаснењето на пожарите кај нас, а паралелно изрази надеж дека создадената позитивна атмосфера ќе придонесе за подобрување на односите меѓу двете земји.
Во периодот од 7 до 14 август два авиони од типот „Air Tractor“ со четворица членови на екипажот и пет лица за копнена поддршка од Кипар, во рамките на помошта од ЕУ механизмот за цивилна заштита, учествуваа во справувањето со огнената стихија во Р.С. Македонија.
Говорејќи и пренесувајќи ги впечатоците од искуството на пожарникарите од Кипар на различните локации во нашата земја, Антониу оцени дека „климатските промени ја најдоа Р.С. Македонија неподготвена да се справи со избувнувањето на пожари“, но и дека помошта од Кипар била позитивно примена.
Почувствувавме дека го ценат нашиот труд. Драго ни е што помогнавме, драго ни е што бевме корисни за луѓето, потенцираше Антониу, изразувајќи надеж дека мисијата и создадената позитивна атмосфера ќе придонесат за подобрување на односите меѓу Кипар и Р.С. Македонија.
Истакна дека фактот што „сретнавме луѓе кои незамисливо го ценат нашиот придонес“ предизвика задоволство и ја охрабри кипарската мисија, а како пример за добриот прием кај нас, ја спомена случката со таксист кој ги превезувал членови на кипарскиот тим и кога тие му кажале дека во Р.С. Македонија се за да ги изгаснат пожарите, тој одбил да им земе пари.
На посочувањето од кипарската новинска агенција дека „придонесот на Република Кипар во гаснењето на пожарите беше опширно презентиран од медиумите“, Антониу спомена и дека на половина од операцијата на кипарската мисија, членовите ги посети министерот за внатрешни работи, додека по завршувањето и пред заминувањето, директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, се сретна со делегацијата и им додели почесни дипломи на членовите за нивниот придонес во напорите за справување со пожарите.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, утрово ги испрати пилотите, заедно со останатиот воздухопловен персонал на двата ПП авиони „ер трактор“ од Кипар.
Шефот на делегацијата говорејќи за КИПЕ се осврнува и на долгиот пат од Кипар до Скопје, објасни дека откако ја добиле пораката од Механизмот за цивилна заштита на ЕУ на 6 август, веднаш започнале подготовките за мисијата, членовите уште следниот ден тргнале за Р.С. Македонија, а во Скопје биле на 8 август во еден часот по полноќ, но „и покрај напорното патување биле подготвена да интервенираат со првите зраци на сонцето“.
Антониу појасни дека мисијата тргнала во две фази, бидејќи првично заминале двата авиони, едниот, поради недостиг на простор, ја носел опремата за поддршка, а другиот заминал со пилотот и еден кабински екипаж, додека во втората фаза заминале преостанатите шест членови, кои патувале со комерцијални летови преку Атина и Загреб и потоа пристигнале во Скопје.
Подготвено од М.Д.