29.08.2024 Скопје
Ирската медицинска организација (ИМО) ја повикува владата да ја забрани употребата на паметни телефони за лица под 16 години и употребата на мобилни телефони во сите основни и средни училишта. Лекарите повикаа употребата на паметни телефони и социјални мрежи да се третира како итен случај на јавното здравје, пишуваат ирските медиуми.
„Нашите млади луѓе се изложени на токсична мешавина од исклучително штетна содржина и платформи за социјални медиуми. Од витално значење е владата да спроведе забрана за користење паметни телефони кај децата и адолесцентите. Уредите и содржините на социјалните мрежи имаат деструктивен ефект врз младите луѓе “, соопшти ИМО.
ИМО ги поздрави повиците на министерот за здравство Стивен Донели минатиот викенд да се забрани употребата на паметни телефони од страна на помлади од 16 години и неодамнешниот предлог на министерката за образование Норма Фоли да се забранат паметните телефони во сите основни и средни училишта.
„Истражувањето го покажува исклучително деструктивниот ефект врз децата и адолесцентите особено од користењето паметни телефони, а како општество мора итно да се справиме со кризата која има страшни последици по нивното ментално и физичко здравје“, рече претседателот на ИМО, д-р Метју Садлиер.
Садлиер рече дека секој индикатор за ментално здравје и психолошка благосостојба кај тинејџерите и младите станал понегативен од 2012 година, кога употребата на социјалните мрежи стана широко распространета.
Тој додаде дека не е доцна да се воведе оваа забрана, наведувајќи го успехот на земјата во значително намалување на употребата на тутун по големата кампања за јавно здравје. Тој изјави дека содржината на социјалните мрежи и употребата на мобилни телефони доведува до анксиозност, депресија, осаменост и самоубиствени склоности.
Тој додаде дека државната поддршка е важна за да им се помогне на родителите да им забранат на своите деца да користат паметни телефони. „Не е доволно да се бара од родителите сами да ја преземат оваа одговорност; Владата може и мора да интервенира за да ги израмни теренот за сите млади луѓе“, вели докторот.
Студијата „Растење во Ирска“ покажа дека 40 отсто од децата поседуваат мобилен телефон до 9-годишна возраст. Училиштата во Ирска варираат помеѓу рестриктивни пристапи и доброволни иницијативи за справување со загриженоста за користењето телефон во основните и средните училишта.
Подготвено од М.Д.