19.08.2024 Скопје
Индискиот премиер Нарендра Моди ќе ја посети Украина, соопшти денеска индиското Министерство за надворешни работи.
Ова ќе биде прва посета на индискиот лидер на Украина откако руските сили извршија инвазија на украинска територија во 2022 година. Пред еден месец Моди се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во Москва.
Деталите за посетата на Моди на Украина ќе бидат објавени подоцна во текот на денот, соопшти индиското министерство. Индиските медиуми објавија дека Моди месецов најверојатно ќе го посети Киев.
Западните земји воведоа санкции кон Москва поради нејзината инвазија на Украина во 2022 година, но земји како Индија и Кина продолжија да тргуваат со Русија. Индија се воздржа од директно осудување на Русија за нејзините постапки во Украина и ги повика Москва и Киев да го решат конфликтот меѓу нив преку дијалог и дипломатија.
САД изразија загриженост за односите меѓу Индија и Русија, особено поради обидите на Вашингтон да ги зајакне врските со Њу Делхи како потенцијална противтежа на растечкото влијание на Кина. Њу Делхи ги продлабочува врските со Западот, а во исто време ги зачувува односите со Русија.
Подготвено од М.Д.