https://www.flickr.com/photos/carlosluna/2856173673

06.08.2024 Скопје

Американски судија денеска пресуди дека сеприсутниот пребарувач на Гугл незаконски ја искористува својата доминација за да ја уништи конкуренцијата и да ги задуши иновациите – тектонска одлука што може да го потресе интернетот и да ја уништи една од најпознатите компании во светот, вели АП.

Многу очекуваната одлука издадена од американскиот окружен судија Амит Мехта доаѓа речиси една година по почетокот на судскиот процес на американското Министерство за правда против Гугл, во најголемата антимонополска пресметка во земјата во последните четвртина век.

По прегледот на голем број докази што вклучуваа сведочења од високи директори на Гугл, Мајкрософт и Епл за време на минатогодишното 10-неделно судење, Мехта ја донесе својата одлука што потенцијално може да го смени пазарот три месеци откако двете страни ги презентираа своите завршни аргументи во почетокот на мај.

„По внимателно разгледување и проценување на сведочењето на сведоците и доказите, судот доаѓа до следниов заклучок: Гугл е монополист и дејствуваше како таков за да го задржи својот монопол“, напиша Мехта во својата пресуда од 277 страници. Тој рече дека доминацијата на Гугл на пазарот за пребарување е доказ за неговиот монопол.

„Гугл ужива удел од 89,2 отсто од пазарот за општи пребарувачки услуги, што се зголемува на 94,9 отсто на мобилните уреди“, се вели во пресудата.

Тоа претставува голем неуспех за Гугл и неговата фирма-родител, Алфабет инк, кои жестоко тврдеа дека неговата популарност произлегла од огромната желба на потрошувачите да користат пребарувач толку добар во она што го прави што тој станал синоним за пребарување на нештата на интернет. Пребарувачот на Гугл моментално обработува околу 8,5 милијарди барања дневно низ целиот свет, со речиси двојно зголемен дневен обем од пред 12 години, според една неодамнешна студија објавена од инвестициската фирма БОНД.

Кент Вокер, претседателот за глобални прашања на Гугл, рече дека компанијата има намера да ги обжали наодите на Мехта. „Оваа одлука признава дека Гугл го нуди најдобриот пребарувач, но заклучува дека не треба да ни се дозволи да го направиме лесно достапен“, рече Вокер.

„Оваа победа против Гугл е историска победа за американскиот народ“, рече државниот обвинител Мерик Гарланд. „Ниту една компанија – без разлика колку е голема или влијателна – не е над законот. Министерството за правда ќе продолжи енергично да ги спроведува нашите антимонополски закони“.

Во случајот Гугл е прикажан како технолошки насилник што методично ја спречил конкуренцијата за заштита на пребарувачот што стана централен дел на машината за дигитално рекламирање, која минатата година генерирала речиси 240 милијарди долари приход. Адвокатите на Министерството за правда тврдеа дека монополот на Гугл му овозможил на огласувачите да им наплаќа вештачки високи цени, истовремено уживајќи во луксузот да не треба да инвестира повеќе време и пари за подобрување на квалитетот на својот пребарувач – опуштен пристап што е на штета на потрошувачите.

Како што се очекуваше, пресудата на Мехта се фокусираше на милијардите долари што Гугл ги троши секоја година за да го инсталира својот пребарувач како стандардна опција на новите мобилни телефони и технолошки гаџети. Само во 2021 година, Гугл потрошил повеќе од 26 милијарди долари за да ги склопи тие договори за стандардност, вели Мехта во неговата пресуда.

Гугл ги исмеа тие тврдења, истакнувајќи дека потрошувачите во минатото ги менувале пребарувачите кога се разочарувале од резултатите што ги добивале. На пример, Јаху – сега помал играч на интернетот – беше најпопуларниот пребарувач во текот на 1990-тите пред да дојде Гугл.

Мехта рече дека доказите на судењето ја покажале важноста на стандардните поставки. Тој истакна дека пребарувачот Бинг на Мајкрософт има 80% удел од пазарот на пребарувањето на прелистувачот Мајкрософт еџ. Судијата рече дека тоа покажува дека и другите пребарувачи може да бидат успешни ако Гугл не е фиксиран како однапред одредена стандардна опција.

Сепак, Мехта го пофали квалитетот на производот на Гугл како важен дел од неговата доминација, исто така, категорично велејќи дека „Гугл е нашироко признаен како најдобар (општ пребарувач) достапен во Соединетите Држави“.

Центарот за потрошувачки избор, лобистичка група што се бореше против други обиди да се зауздаат бизнисите, ја осуди одлуката на Мехта како чекор во погрешна насока. „Соединетите Држави се движат кон антитехнолошкиот став на Европската Унија, дел од светот што не прави речиси ништо и ги казнува успешните американски компании за нивната популарност“, рече Јаел Осовски, заменик-директор на центарот.

Заклучокот на Мехта дека Гугл водел нелегален монопол поставува уште една правна фаза за да се утврди какви промени или казни треба да се воведат за да се поништи направената штета и да се врати поконкурентниот пејзаж.

Потенцијалниот исход може да резултира со масовна наредба Гугл да расформира некои од столбовите на својата интернет-империја или да се спречи да троши милијарди годишно за да се осигури дека неговиот пребарувач автоматски одговара на прашањата на ајфон и другите уреди поврзани на интернет. По следната фаза, судијата би можел да заклучи дека се потребни само мали промени за да се израмни конкуренцијата.

„Загубата на Гугл во случајов може да биде огромна работа – во зависност од лекот“, вели вишата аналитичарка на еМаркетер Евелин Мичел-Волф. „Присилното отуѓување на пребарувачкиот бизнис би го отсекло Алфабет од најголемиот извор на приход. Но дури и губењето на неговиот капацитет да склучува ексклузивни договори за стандардност може да биде штетно за Гугл. Неговата сеприсутност е неговата најголема сила, особено кога се зголемува конкуренцијата меѓу алтернативите за пребарување напојувани со вештачка интелигенција“.

Во секој случај, додава таа, долготрајниот процес на жалби ќе ги одложи сите непосредни ефекти и за потрошувачите и за огласувачите.

Подготвено од М.Д.

About Author