19.08.2024 Скопје
Претседателот на Бугарија Румен Радев пред десет дена и даде задача на кандидатката за техничка премиерка Горица Грнчарова-Кожарева да формира техничка влада. Се очекува денеска Грнчарова-Кожарева да ги објави имињата на избраните министри. Според Радев, составот на владата треба да биде предложен најдоцна до 19 август, а новите предвремени парламентарни избори се планирани за 20 октомври.
Грнчарова-Кожарева веднаш започна разговори со сегашните министри и други експерти. Без присуство на медиуми, таа имаше средби со министри од тековната техничка влада.
Во петокот, пред крајот на седницата на Народното собрание, претседателот на Собранието Јордан Цонев најави дека следното редовно заседание ќе биде на 4 септември, но додаде дека можеби ќе има вонредна седница на 20 август за заклетвата на новиот кабинет, доколку претседателот издаде указ за тоа.
Тројца министри од сегашниот технички кабинет информираа дека ќе останат и во следниот состав.
Подготвено од М.Д.