tekst_in

12.08.2024 Скопје

На влезот во текстилната фабрика на Кристијан Сулејман на североисточниот раб на Каиро, стоката е спакувана во големи, бели вреќи. Неколку мажи ги товарат во мал камион. „Облека за египетските купувачи“, вели овој германски претприемач со египетско потекло.

Со години произведувал главно за египетскиот пазар, но во последно време работи и за странски клиенти – сѐ повеќе од Германија. „Да имавме и четири или пет пати поголема фабрика, немаше да имаме проблеми со нарачките“, вели Сулејман.

Повеќе од 30 години германските компании произведуваат облека во Египет. Но, од 2021 година има значително зголемување: минатата година Германија увезла единаесет отсто повеќе облека  од Египет отколку една година порано.

Според Германското модно здружение, кое претставува околу 350 компании во германската модна индустрија, Египет, Тунис и Мароко се меѓу добитниците на промените во светските трговски текови. „Многу компании сакаат да произведуваат поблиску до Европа“, вели портпаролката на здружението Тања Крон. „Особено по короната, кога азиските земји станаа несигурни во однос на логистиката, многу компании стратешки го насочија производството кон поблиски места.”

Од Северна Африка до Европа, преку Средоземното Море, патувањето е релативно кратко, евтино и безбедно. Бродовите што превезуваат стоки од Азија во моментов често се принудени да користат многу подолга и поскапа рута низ цела Африка наместо преку Црвеното Море. Јеменските Хути, кои се поврзани со Хамас, редовно напаѓаат товарни бродови во Црвеното Море.

Сепак, текстилната индустрија во Египет расте не само поради побарувачката од Германија и Европа, туку и од САД.

Египет тоа може да го покрие, вели Мари Луј Бишара, претседател на Египетскиот совет за извоз на облека. Египет има уште поголем капацитет, моменталната искористеност е околу 60 проценти, а земјата постојано инвестира во квалификација на вработените.

„Работиме многу на квалификации, имаме луѓе од различни возрасни групи кои станаа квалификувани работници во последните три до четири години“, вели Бишара.

Притоа, многу компании користат египетски памук бидејќи синџирите на снабдување често се кратки.

Кина, Бангладеш и Виетнам сѐ уште се на врвот во светското производство на облека. Од овие земји, како и од Турција,  Германија увезува најголем дел од текстилот. Но, уделот на сите нив на германскиот пазар се намалува во последните години.

Оваа тенденција на преселба од Азија во Северна Африка не се должи само на пократките транспортни патишта, туку и поради тоа што германските компании сакаат да го распределат ризикот, произведувајќи во различни региони во светот.

Вообичаено е текстилната индустрија да се движи од земја во земја, вели Матијас Фрајзе, професор по управување со синџирот на снабдување и набавки на германскиот Универзитет за применети науки Ројтлинген. „Како што земјите се развиваат и имаат достапни технологии со повисок квалитет, доаѓаат индустрии кои буквално ја истиснуваат индустријата за облека“, вели Фрајзе.

Економски, тој развој има смисла. Виетнам, Индонезија или Кина моментално се во тој процес:

„Кина речиси се разви во земја со висока технологија и кинеската влада официјално вели дека повеќе не ја сака оваа индустрија на евтина работна сила “, објаснува Фрајзе. Пекинг сега активно се обидува да ја премести текстилната индустрија надвор од Кина.

Кристијан Сулејман знае дека може да биде еден од добитниците на овој развој. Почнал пред 17 години со двајца вработени и две машини купени на кредит. Денес вработува околу 150 луѓе на 25 машини. Тие го покриваат целиот производствен процес од ткаење до шиење на готовата облека.

„Извозот ни е многу важен, не само во текстилната индустрија. Египет има трговски дефицит што ја ослабна валутата. Извозот придонесува за подобра позиција на населението“, вели овој претприемач.

А на Египет тоа итно му е потребно. Затоа што економијата е на дното, а текстилната индустрија е еден од ретките сектори што ги внесува многу потребните девизи во земјава.

Подготвено од М.Д.

About Author