27.08.2024 Скопје
Основачот на Телеграм, Павел Дуров, кој беше приведен во Париз, е осомничен за 12 кривични дела. Ова се наведува во официјалното соопштение за печатот на француското обвинителство.
Конкретно, Дуров е обвинет за:
– соучесништво во администрирање на онлајн платформа за спроведување нелегални трансакции на организирани групи;
– одбивање да се обезбедат информации или документи потребни за истрага по барање од агенциите за спроведување на законот;
– соучесништво во складирање на порнографски содржини со малолетници како дел од организирана група;
– соучесништво во дистрибуција на порнографски содржини со малолетници како дел од организирана група;
– соучесништво во стекнување, транспортирање, поседување и дистрибуција на дрога;
– соучесништво во развојот, продажбата или обезбедувањето пристап до опрема, алатки, програми или податоци наменети за добивање неовластен пристап (за хакерски напади);
– соучесништво во организирана измама;
– соучесништво во создавање на криминална заедница со цел извршување на кривични дела за кои е предвидена казна затвор над 5 години или доживотно;
– перење приходи од кривични дела извршени од организирани групи.
Уште три обвиненија се однесуваат на, како што веруваат француските власти, употребата и дистрибуцијата на криптографски алатки од страна на Дуров без одобрение од владата.
Судската истрага против Дуров беше отворена на 8 јули по прелиминарно барање на обвинителството, се вели во соопштението на Одделението. Неа ја спроведуваат специјалните единици на француската полиција за сајбер и финансиски криминал.
Дуров беше приведен на аеродромот Бурже во саботата навечер кога се симна од скалите на приватен авион кој пристигна од Азербејџан. Неговиот притвор може да биде до 96 часа, односно до 28 август, нагласуваат од обвинителството во соопштението до медиумите.
Францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот изјави дека нема политички мотиви зад апсењето на Дуров. „На социјалните мрежи, како и во реалниот живот, слободата се остварува во рамките на законот со цел да се заштитат граѓаните и да се почитуваат нивните основни права“, напиша Макрон на страницата на социјалните мрежи Икс.
Подготвено од М.Д.