Photo by Karolina Grabowska: https://www.pexels.com/photo/stack-of-different-currency-with-photo-of-men-and-buildings-4386158/

26.08.2024 Скопје

Вредноста на доларот во однос на кошницата валути драстично падна минатата недела, а еврото го достигна највисокото ниво во последните 13 месеци во однос на доларот бидејќи е речиси сигурно дека американската ФЕД ќе ги намали каматните стапки во септември.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на валутата на САД во однос на шесте најважни светски валути, потона за 1,7 отсто минатата недела на 100,68 поени, најниско ниво во една година. Истовремено, курсот на доларот во однос на еврото падна за 1,5 отсто, па цената на еврото достигна 1,1190 долари, а во еден момент првпат по 13 месеци се проби над нивото од 1,12 долари.

Американската валута ослабе и во однос на јапонскиот јен, за 2,2 отсто, па нејзиниот курс падна на 144,37 јени. Падот на индексот на доларот втора недела по ред се должи на уверувањето на инвеститорите дека американската централна банка ќе ги намали клучните каматни стапки на состанокот во септември, првпат по долгогодишно затегнување на монетарната политика.

Инфлацијата во САД се намалува од месец во месец, економскиот раст постепено забавува, а пазарот на трудот не е толку силен како што се мислеше, покажаа најновите податоци.

Поради ова, речиси е сигурно дека ФЕД следниот месец ќе почне да ја олабавува монетарната политика. Ова го посочи претседателот на ФЕД Џером Пауел во неговиот говор во петокот на традиционалниот собир на централните банкари во Џексон Хол.

„Дојде време за прилагодување на монетарната политика“, рече Пауел. „Инфлацијата значително опаѓа. Пазарот на труд повеќе не е прегреан, а вкупните услови се помалку тесни отколку пред пандемијата. Синџирите на снабдување се нормализираа“, рече Пауел.

Инвеститорите сега се речиси сигурни дека ФЕД ќе ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени во септември. Има и такви кои сметаат дека е можно поостро намалување од 0,50 процентни поени.

Подготвено од М.Д.

About Author