DZEJK SALIVEN KINA

28.08.2024 Скопје

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, пристигна во Пекинг во обид да ги подобри односите меѓу САД и Кина, што беа ставени под сериозен тест за време на мандатот на американскиот претседател Џо Бајден, јавуваат американските медиуми.

Саливан досега често пати има разговарано со високи претставници на Комунистичката партија за надворешната политика, во обид да се надминат разликите меѓу Вашингтон и Пекинг.

По слетувањето во Пекинг, Саливан беше пречекан од Јанг Тао, шеф на Одделот за Северна Америка и Океанија на кинеското Министерство за надворешни работи, и американскиот амбасадор во Кина, Николас Барнс.

Целта на посетата на Саливан, кој ќе престојува во Кина до четврток, е да се обиде да ја одржи отворена комуникацијата меѓу Пекинг и Вашингтон.

Американските медиуми пренесуваат дека не се очекуваат големи изјави, иако состаноците на Саливан би можеле да ја постават основата за можната средба меѓу кинескиот лидер Си Џинпинг и Џо Бајден пред американскиот лидер да се повлече од претседателската функција во јануари.

Саливан ќе разговара со шефот на кинеската дипломатија и прв човек на Централниот комитет за меѓународни прашања на Комунистичката партија, Ванг Ли.

Администрацијата на Џо Бајден зазеде строг став кон Кина и ја сметаше за стратешки конкурент, ограничувајќи го пристапот на нејзините компании до напредна технологија, забележуваат американските меидуми. Со тоа, САД се спротивставија на подемот на Кина, која се обидува да изврши влијание врз Тајван и Јужното Кинеско Море.

Кинеското МНР неделава соопшти дека односите со САД остануваат во „критична фаза“, потенцирајќи дека двете земји разговараат за климатски прашања и други теми.

Подготвено од М.Д.

About Author