UCENICI

19.08.2024 Скопје

Во период од 10 години, во Р.С. Македонија бројот на ученици во основното образование се намалил за дури 8.927 ученици. Во учебната 2013/2014 година имало 191.051 основец, а 10 години подоцна, оваа бројка изнесува 182.124.

Нискиот наталитет, како и иселувањето од државата, се главните причини за ваквата состојба. Секоја учебна година, во училиштата се запишуваат сè помалку првачиња, а голем е и бројот на децата кои не го дочекуваат крајот на учебната година, бидејќи во меѓувреме, се иселуваат во друга земја со нивните семејства.

Ако се погледнат броојките од Министерството за образование и наука (МОН), а се однесуваат на запишаните првачиња, може да се забележи тренд на опаѓање на нивниот број во последните три години. Во 2021/2022, на училиште тргнале 21.158 првачиња, а годинава, (согласно бројките од уписите во мај), од септември на училиште ќе појдат 19.482 деца во прво одделение.

Разочарувачки се податоците кои ги објавува Државниот завод за статистика, а кои покажуваат дека секоја година се намалува и бројот на ученици во основно образование, а дека се затвораат училишта низ државата. Така, во учебната 2022/2023 година имало 966 училишта, а само една година подоцна, оваа бројка се намалила на 955, што значи дека 11 училишта се затвориле во само една учебна година.

Во 2022/2023 во основно училиште оделе 185.099 ученици, а една година подоцна, оваа бројка се намалила за 2.975 ученици (182.124). Во 2020, имало 187.555 основци, што значи дека во период од четири години, бројката се намалила за дури 5.431 дете.

Aпсурден е трендот на зголемување на бројот на наставници, во услови кога имаме сè помалку ученици, паралелки и училишта во државата. Пред 10 години, во основното образование биле вработени 17.219 наставници. Последнава учебна година, оваа бројка е 18.831, што значи дека во ова една декада бројот на наставници пораснал за 1.612, иако бројот на ученици се намалува и училишта низ државата се затвораат.

Причина за трендот на намалување на ученици е слабиот наталитет и иселувањето. Како што објаснува демографот и поранешен директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски, од овде си заминуваат претежно млади брачни парови кои имаат деца, или пак, чии деца се раѓааат во странство.

Тој неколку пати досега има кажано дека е потребно да се направи стратегија за развој на популациона политика, како и стратегија за образование, како решение за ваквата состојба.

„Ја анализирам и состојбата во другите држави. Светските демографски движења се секаде присутни. Секаде се селат, и во Бугарија, Србија, Албанија. Сепак, потребно е државата посериозно да се позанимава со оваа проблематика“, апелира Герасимовски.

Подготвено од М.Д.

About Author