20.08.2024 Скопје
Црна Гора подготвува нов јавен повик за морско истражување на нафта и гас.
„Во фаза сме на подготовка на јавен повик за 3Д истражување на црногорското дно. Главната цел на овој повик е да се зголеми нивото на знаење за потенцијалот на јаглеводородите во црногорското дно, со посебен акцент на идентификација на гасот. Податоците дека на јадранското дно има 1,3 илјади бушотини јасно укажуваат дека треба да продолжиме да го истражуваме нашиот дел од морето“, изјави министерот за рударство, нафта и гас на Црна Гора, Адмир Шахмановиќ.
Во интервју тој изјави дека, во случај да се откријат нафта и гас, еден од главните проекти ќе биде Јадранско-јонскиот гасовод (IAP), бидејќи е неопходно да се ревидираат и разгледаат постоечките концепти, решението и поврзувањето со јужниот гасен коридор кој би ги поврзал истокот и западот на Европа преку ТАП (Трансанадолски гасовод) и ИАП.
Поврзувањето со јадранско-јонскиот гасовод ќе и овозможи на Црна Гора да ги диверзифицира своите извори на енергија и да овозможи валоризација на потенцијалните извори на гас во нашето море, рече Шахмановиќ.
Како стратешки важен развоен проект кој ќе биде во фокусот на работата на министерството, тој го потенцираше создавањето услови за изградба на терминал за ЛНГ (течен природен гас) во Бар, бидејќи терминалот ЛНГ ќе им овозможи пристап до глобалниот пазар на природен гас, со што се обезбедува поголема флексибилност во снабдувањето со енергија.
Во 2016 година Црна Гора потпиша договор за концесија за производство на јаглеводороди со конзорциумот на компаниите Ени и Новатек со вкупна површина од 1.228 квадратни километри, кој истече на 13 септември 2022 година.
Овој конзорциум во 2022 година уплати 12 милиони евра во државниот буџет како гаранција за неисполнетиот дел од работата дефинирана со договорот за истражување на нафта во црногорското дно, поради напуштање на натамошните истражувања.
Во 2017 година беше потпишан договор за концесија за производство на јаглеводороди во црногорското море со компанијата Енергеан, со вкупна површина од 338 квадратни километри. Договорот истече на 15 јули 2022 година.
Подготвено од М.Д.